АНКАРА (АА) – Турција има за цел да ги зголеми своите шуми за да покријат една третина од површината на државата до 2023 година, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во рамките на Националниот ден на пошумување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган присуствуваше на засадување стебла во главниот град Анкара и изјави дека според извештаите за светските шумски ресурси на Обединетите нации (ОН), Турција е прворангирана во Европа и четврта во светот во студиите за пошумување.
„Големи шумски површини кои горат на една страна, поплавите и променливите метеоролошки настани како што е сушата на друга страна, се предупредувања од природата. Ние ги гледаме предупредувањата и ја добиваме пораката која ја дава, но имаме длабоки сомневања дека сторителите на тие катастрофи ја имаат истата свест и решителност. Додека работиме на нашиот дел за да ги спречиме последиците од оваа промена, ние, исто така, се бориме со оваа искривена слика. Секое стебло кое го засадуваме е знак на нашата борба. Секој глас кој го креваме на меѓународните платформи е исто така, симбол на нашата борба“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Турција има поставено нето-нула емисии како цел за 2053 година, станувајќи дел од Парискиот климатски договор, и додаде дека државата секогаш ќе биде во првите редови во зголемувањето на шумското богатство.
Осврнувајќи се на извештајот, Ердоган истакна дека со работата на пошумувањето и обновата кои ги спроведе, Турција го поместила своето место на светската ранг листа за шумско богатство на 27. место.
„До крајот на 2023 година, околу 7 милијарди стебла ќе бидат засадени и 30 проценти од површината на државата ќе бидат покриени со шума“, нагласи турскиот претседател.
„Турција се бореше со шумските пожари во текот на летото во југозападните области“, потсети Ердоган, истакнувајќи дека тие многу брзо ги пошумуваат опожарените шумски области и дека целта е да се заврши пошумувањето во рок од една година.
Рече дека со кампањата „Здив за иднината“, приоритетот е да се обноват оштетените шумски области со засадување на 252 милиони стебла до крајот на годината.
„Медитеранската област, каде што се забележани најголемите шумски пожари во последните години, е прикажана меѓу регионите кои ќе бидат најмногу погодени од климатските промени. Кога екстремно високите температури и екстремно ниската влажност ќе се спојат со силни ветрови, станува тешко да се контролираат шумските пожари.“
„Ние мора да платиме висока цена поради сиве овие негативни услови, со сериите шумски пожари кои започнаа на 28 јуни. Оваа година, победивме 299 шумски пожари и 255 рурални пожари во 54 области на нашата земја“, додаде Ердоган.
Anadolu Agency










