Струга Трим Љум ја комплетира својата најуспешна сезона во историјата и по драма во последното коло (го победи Силекс со тешки маки со 1-0 и со играч помалку) обезбеди пласман во Конференциската лига на УЕФА за првпат во својата историја.

Дебитантот на европската сцена беше меѓу неносителите на ждрепката, а среќата посака да ја добие летонска Лиепаја, тим кој преку Купот обезбеди меѓународно лето по петти пат во историјата. Се работи за тим претежно составен од домашни фудбалери, а главен адут е бразилскиот напаѓач Додо, кој лани беше најдобар стрелец со 18 постигнати гола, заедно со младиот 19-годишен нигерски плејмејкер Хоган Укпа. Тука е и летонскиот напаѓач Давис Икаунеикс, кој е на позајмица од Јаблонец и последната сезона ја заврши со „десетка“ на своето конто.

Струга Трим Љум на Срѓан Захариевски не менуваше премногу, се раздели со тројца. а донесе четворица фудбалери со кои го надогради ланскиот ростер, тоа се Блертон Шеји, Бесмир Бојку, Валентин Кочоски и Давор Талески.

Лиепаја беше шампион пред пет години, а во четирите учества во Европа двапати го има минато првото квалификациско коло. Искуството е на страната на Летонците, па токму затоа се гледа на нив како благи фаворити и во овој натпревар, но и генерално во двомечот со македонскиот претставник. Плус, предност е што Лиепаја во моментов го игра домашното првенство и што е во силен натпреварувачки ритам – по 14 одиграни натпревари има седум победи, едно реми и шест порази. Во мечот со Струга ТЉ, влегува со победа над второпласираната Рига (1-0).

И двата тима играат доста „тврд“ фудбал и не се баш ефикасни. Првиот предлог за овој меч е 0-2 гола, додека вториот е ПГ второ.


„Gol“