Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија соопшти дека основањето на, според неа, таканаречената Исламска селефиска заедница „Дар ел Хадис“ е обид за паралелизам на Уставниот институт на ИВЗ, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ова на прес-конференција во седиштето на ИВЗ во Скопје го истакна Евзал Синани, шеф на Кабинетот на поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху.

Синани ги соопшти одлуките на Ријасетот кои се донесени на редовниот состанок во врска со регистрацијата на, според нив, таканаречената Исламска селефиска заедница „Дар ел Хадис“.

Тој рече дека со длабока огорченост реагираат против Основниот суд Скопје 2 кој ја извршил регистрацијата на таканаречената верска заедница, и дека оваа одлука го носи печатот на судијката Сузана Дончевска.

„Овој акт е срамен и штетен за единството на муслиманите во Северна Македонија, и е обид за паралелизам на Уставниот институт на ИВЗ“, истакна тој.

„Актот на судијката Дончевска го сметаме за тенденциозен; со него таа го прекршила не само законот за правната положба на црквата, верската заедница и религиската група, туку ја прекршила и правната практика за тоа да се бара мислење од пет уставни верски заедници за основање на која било нова верска заедница“, рече Синани, додавајќи дека законот не дозволува регистрација на две заедници кои носат исти имиња, имаат исти извори и ги вршат истите верски обреди.

– „Оваа заедница е производ на злонамерни структури во земјата“

Синани привлече внимание на тоа дека ИВЗ од првиот момент ги презела сите потребни мерки и остро осудувајќи ја оваа одлука, ги информирала сите државни органи, вклучувајќи го меѓународниот фактор во земјата.

Тој упати апел до сите верници и сонародници во Северна Македонија да не паѓаат во, како што рече, стапицата на оваа заедница.

„Со непоколебливо убедување истакнуваме дека оваа заедница е производ на злонамерни структури во земјата, за длабоко да се оштети единството на муслиманите во Северна Македонија и директно да се таргетира ИВЗ. Исто така, ИВЗ ги информира сите дека овој акт е штетен за нашето општество. Затоа, на категоричен и бескомпромисен начин ќе продолжи да го штити единството и достоинството на верниците во земјата“, додаде Синани.

Во врска со новинарското прашање на оваа тема, Синани рече дека ИВЗ ја оспорува оваа одлука и дека ги презела сите потребни правни процедури, доставувајќи ја и нејзината жалба до Апелациониот суд за укинување на одлуката за регистрација на оваа исламска заедница на 2 февруари.