Словенечкиот претседател Борут Пахор изрази разочарување на форумот Да бидеме безбедни (To be Secure) затоа што политиката за проширување во моментов не е на високо место на агендата на ЕУ.

„Навистина жалам што Брисел во моментов е оптоварен со други проблеми, почнувајќи од здравствената криза, преку Брегзит и други проблеми, така што проширувањето на Унијата кон земјите од Западен Балкан не е приоритет“, изјавил Пахор на 10-тиот јубилеен форум 2БС.

Пахор истакнал, дека Брисел ќе донесе мудра одлука веднаш да ги унапреди преговорите со земјите кандидати од оваа област, се разбира, под услов тие „да си ја завршат својата работа“. Тој изјави дека она што се случи со Македонија е обесхрабрувачко за земјите од Западен Балкан.

„Таа земја исполни сè што беше побарано од неа, тие направија се што требаше да се направи, а Европската унија запре“, изјавил словенечкиот претседател, потенцирајќи дека ова е голема грешка што тешко ќе се исправи. „Моја задача е да ги потсетам моите колеги дека ова прашање не смее да се игнорира“, истакнал Пахор. Тој надополнил дека би било добро ЕУ да ги гледа земјите од Западен Балкан како еден блок и со тоа да ги прифати во ЕУ.

(Танјуг)