Голем број сребренички мајки останаа сами по геноцидот кој е извршен во јули 1995 година на подрачјето на Сребреница. Ги загубија своите сопрузи, синови, ќерки, браќа, татковци и многубројни членови на поширокото семејство. По годините поминати далеку од дома голем број од нив одлучија да се вратат на предвоените огништа за да бидат близу, како што велат, до коските на своите најмили кои се погребани во гробиштата на Меморијалниот центар „Сребреница – Поточари“.
Една од нив е Ханифа Ѓогаз. Оваа 72-годишна жена од селото Ѓогази, оддалечено околу 8 километри од центарот на Сребреница, се врати во својата куќа во 2002 година. Во куќата во која пред војната живеела со сопругот, двајцата синови и ќерка, сега е сама. Во близина нема ниту соседи.
Асфалтиран пат, а потоа земјен пат, нѐ однесе нас, екипата на Агенција Анадолија (АА), до оваа мајка која нѐ пречека. Се занимава со земјоделство за накратко да ги оттргне мислите од трагедијата која ѝ се случила во семејството.
Со нас беа и членките на Меѓународниот форум на солидарноста „Еманус“, кои ја посетуваат, а која е вклучена во проектот „Љубов за мајките на Сребреница“. Се работи за проект кој е многу значаен за првичната психолошка рехабилитација, но и за друг вид помош на мајките кои останале сами.
Мајката Ханифа ни раскажува за синовите Сабахудин и Самир и мажот Мухамед.
„Живеам сама. Се вратив во 2002 година. Тука живеев со моите деца. Се вратив сама. Децата се убиени. Убиени ми се двајцата синови, ќерката и сопругот. Ќерката загина од граната, а синовите и сопругот загинаа во падот на Сребреница“, раскажува оваа мајка.
Погребани се во гробиштата на Меморијалниот центар „Сребреница – Поточари“.
„Се вратив заради мртвите, поради нивните коски. Човекот навикнува на сѐ. Тешко е, немаш со кого да зборуваш“, раскажа Ханифа.
Секој јули и погребот во Поточари будат спомени кај оваа мајка.
„Од утрово плачев. Ете како ни е. Се присетуваш на сѐ. Како моите деца отидоа преку шума, како се вратија во ковчези во Поточаре. Ете како ми е“, раскажа Ханифа која во јули во 1995 година со другите жени во автобусите преминала до слободна територија.
Како што вели, биле во Фабриката за акумулатори од каде што се префрлени до слободната територија – Тузла и Кладањ.
„Третиот ден излеговме од фабриката. Во местото Лука го оставија мојот маж. Беше со мене. Таму го оставија. А синовите отидоа преку шума. Во Поточари се разделивме. Повозрасниот син ме прегрна, ме бакна и ми рече: ’Мамо, се гледаме во Тузла‘. Никогаш повеќе не се видовме. Имаа по 18 и 20 години“, раскажува Ханифа низ солзи.
Членките на „Еманус“ многу ѝ помагаат на оваа мајка. Ја посетуваат, ѝ помагаат и разговараат со неа.
„Кога доаѓаат кај мене среќна сум. Тие се мои деца“, вели Ханифа.
Селма Дедиќ работи на проектот „Љубов за мајките на Сребреница“, проект на Меѓународниот форум на солидарноста „Еманус“. Проектот е многу значаен за првичната психолошка рехабилиација, но и за друг вид помош за мајките кои останале сами.
„Дојдовме на идеја да го реализираме овој проект бидејќи тука се наоѓаат мајките повратници кои во војната ги загубиле своите сопрузи, синови и многубројни членови на поширокото семејство. На почетокот кога во 2016 година почнавме со реализација на проектот, во проектот беа вклучени 24 мајки. Со текот на времето бројот на мајките растеше, па сега во проектот се вклучени 44 мајки“, појасни Дедиќ.
Ги посетуваат мајките мои живеат во 19 села во околината на Сребреница.
„Селата од центарот на Сребреница се оддалечени по 20 километри, а некои и повеќе од 40. До селата патната комуникација е многу лоша, а во нив нема никакви здравствени установи ниту маркети, така што мајките на некој начин зависат од нас“, рече Дедиќ.
Истакна дека на мајките им е најважно да ги посетат и да разговараат со нив.
„Низ разговор дознаваме и за останатите потреби и гледаме тоа да го реализираме во најбрз можен рок. Секојдневно посетуваме пет до седум мајки. Меѓу активностите кои ги спроведуваме е разговор како вид на психолошка помош, набавка на потребни намирници и лекови, превоз до здравствени установи“, нагласи Дедиќ.
Додаде и дека мајките на Сребреница поминале тешки трауми, поради што организираат и дружења меѓу нив за да се чувствуваат помалку осамени.
„Разговараат и помалку се чувствуваат осамени. Имаме и креативна работилница за плетење“, рече Дедиќ.
Anadolu










