Нови студии од странство покажуваат дека дури до 90 отсто од пациентите со тешка клиничка слика кои се ставени на апарати за дишење завршуваат фатално, изјави вечерва во „Топ-тема“ на телевизија Телма, министерот за здравство Венко Филипче.
„За жал, од повеќе истражувања излегуваат информации дека во таков случај ниту респираторната машина не помага“, рече Филипче.
Вкупниот број на респиратори во моментов во земјава е 120, а во главниот град 85. На Инфективна клиника има 11 (во моментов се приклучени четири пациенти), а во болницата „8 Септември“ на располагање се 20 респиратори, а приклучени се тројца пацинети.
Тој кажа дека за време на епидемијата од коронавирус скокнал и бројот на пациенти со сезонски грип за 80 проценти и дека може да се испита дали некој од нив всушност имал коронавирус.
„Ги анализиравме бројките на сезонски грип, во просек се 20 000, оваа година се 37 000, скоро 80 или 90 проценти повеќе заболени. Материјалите се анализирале во присуство на други вируси предизвикувачи на сезонскиот грип и тие може дополнително да се тестираат да се види дали некој од тие пациенти бил заболен од коронавирусот“, рече Филипче.
Извор:НоваТВ










