СКОПЈЕ (АА) – Собранието на Република Северна Македонија на денешната 137. седница ја донесе одлуката за самораспуштање во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори закажани за 12 април, јавува Агенција Анадолија (АА).

Од вкупно 120 пратеници колку што брои Собранието на Северна Македонија, на седницата присуствуваа 117 пратеници, од кои 108 гласаа „за“, а немаше воздражани, ниту против.

Одлуката за самораспуштање на Собранието беше поднесена од претседателот на оваа институција, Талат Џафери. Тој во своето обраќање рече дека по направената консултација на 10 февруари со Државната изборна комисија, денешниот ден е последниот рок за распуштање на Собранието.

Координаторот на владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Јован Митревски, рече дека во изминатите три години сегашниот парламентарен состав поминал низ многу премрежија и пребродил многу кризи, но дека тоа не ги спречило да донесат историски значајни одлуки со кои се дефинира иднината на државата.

Координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, од собраниската говорница истакна дека во изминатите три и пол години овој парламентарен состав поминал низ тешка политичка криза и парламентарното мнозинство го обвини за „непрофесионално работење“.

Пред да биде донесена одлуката за распуштање на Собранието, со двотретинско мнозинство, односно со 80 гласови „за“ беше донесен Законот за јавно обвинителство, како и Законот за одбрана.

Потсетуваме, откако на Самитот во Брисел во октомври минатата година, поради противењето на Франција Европскиот совет не донесе одлука за одредување датум на Северна Македонија за почнување преговори за членство во Европската Унија (ЕУ), претседателот на државата, Стево Пендаровски, свика лидерска средба, на која лидерите на парламентарните политички партии се договорија на 12 април оваа година да бидат одржани предвремени парламентарни избори.