НОВА, во продолженија ги објавува записите на новинарката Менче Атанасова Точи, кои се дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“.
Пишува: Менче Атанасова Точи
Македонското здравство и социјалната заштита во последната деценија поминаа низ период на урнисување и наместо да oдат кон сериозни реформи и усогласување со системот на ЕУ уште повеќе заостанаа не само зад европските земјите туку и зад земјите од регионот. Тоа е периодот од 2008 година кога на Самитот во Букурешт беше блокирана поканата за влез во НАТО од страна на Грција, па речиси до потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година, кога се дојде до конечно решение за спорот со името и кога почнаа да се бројат направените штети.
Во тој временски период на талкање и барање на сопствениот идентитет како држава, имаше голема потреба од зајакнување на јавното здравство.
Најавите дека „парите ќе го следат пациентот“ останаа само демагогија во времето на децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот тогашен коалиционен партнер ДУИ. Граѓаните имаа големи очекувања бидејќи имаше и многу ветувања од тогашната власт која веќе две години ја водеше државата и најавуваше реформи.
Но, турбуленциите кои се случуваа во периодот кој следуваше не само што не донесоа подобро здравство и подобри услови за живот на социјално загрозените семејства туку направија ненадоместлива штета. Подемот на груевизмот беше во знакот на популизмот и сопствениот маркетинг, што подоцна се покажа фатално за власта. Реформите (ако воопшто може да се наречат реформи) често одеа во погрешен правец, некогаш се носеа решенија кои предизвикуваа незадоволство и револт, а потоа под притисок на јавноста се укинуваа или се ставаа под тепих.
Се потрошија многу финансиски средства, а видлив резултат немаше. Низ сите тие години, големи финансиски средства се одливаа на странски експерти кои требаше да ни укажат како се прават промени, како и на заеми за изградба и реконструкција на болници. Изградбата на некои до нив се развлече цела деценија и сè уште не е завршена. Власта никогаш не излезе со конечна бројка колку пари досега се потрошени на овие проекти, никогаш не е направена детална анализа колку кредити граѓаните треба да исплаќаат, колку е тоа по глава на жител и колку години треба да се плаќаат.
Несериозниот однос на здравствените власти, заткулисните игри и сомнителните и преплатени набавки скапо ги чинат граѓаните на оваа држава, но и идните генерации. Парите се потрошија, а болниците останаа во очајна состојба, тие се стари и се распаѓаат — со ходници, болнички соби и тоалети во очајна состојба.
Здравството, како еден од најважните сегменти од општественото живеење кое во периодот по осамостојувањето помина низ трансформација за од бесплатно да премине кон пазарна економија (иако во најголем дел е солидарен систем), претрпе и големи загуби во повеќе области, а особено во делот на превенцијата. Затоа и очекувано беше Стратегијата за здравството, која беше донесена за периодот од 2007 до 2020 година, да се почитува и со тоа да имаме сигурен, правичен и ефикасен здравствен систем.
Наместо тоа, следуваа години на рушење, кога формата беше поважна од суштината,кога се сечеа црвени ленти на нефункционални објекти, по неколку пати се пуштаа во употреба исти медицински апарати, болниците се запуштија, немаше лекови за најтешко болните. Влијанието на политиката беше премногу видливо, а ситуацијата дојде дотаму што пациентите во болниците сами си купуваа и обичен лек за болка. Граѓаните, револтирани, бараа достоинствено лекување, редовно снабдување со безбедни лекови во аптеките и болниците, да бидат прегледувани од доктори кои ќе им посветат внимание, да се намали корупцијата во здравството, како и листите на чекање за операции.
Во делот на социјалата имаше потреба од нови домови за згрижување на стари лица, зголемување на вработеноста, пораст на социјалната помош, редовен додаток за лицата со посебни потреби. Наместо тоа, имаше комплетна политизација и на овој сектор, висока централизација и владина контрола, како и многу слаба ефикасност на јавните здравствени установи.
Болниците и клиниките генерираа долгови со тоа што самите менаџираа со трошоците и набавките на лекови и, наместо да се најде модел како тоа да се надмине, во неколку наврати им беа простувани долговите од страна на ФЗОМ. Политиката на двајца директори, од кои еден стручен и втор економски, не ги даде очекуваните резултати и, наместо да се укинат, се носеа нови, партиски. Вработувањата на кадарот беа исклучиво партиски и неплански што доведе до пад на квалитетот.
Стратешките цели во здравството требаше да бидат фокусирани на подобрување на состојбата со лекови, превенција од незаразни и заразни болести, подобар пристап до здравствени услуги, зајакнување на примарното здравство како темел на системот, реорганизација и унапредување на секундарната и терцијарната здравствена заштита, обезбедување на основен пакет на здравствени услуги, модернизација на ФЗОМ кој правично ќе располага со парите на граѓаните, можност за лекување во странство.
Наместо тоа, се вратија искоренетите заразни болести, како што се морбили, шарлах, заушки, и тоа, пред сè поради континуираниот пад на имунизацијата и немањето стратегија која ќе вклучува едукација и кампањи за задолжителна имунизација. Тоа што се случуваше во целиот тој децениски период беше комплетно урнисување на здравствениот систем,уништување на државните болници, негрижа за здравјето на пациентите, тешко болни умираа за лекови, се увезуваа сомнителни и фалсификувани лекови, родилки и новороденчиња умираа по болниците.
Иако финансиските средства кои се одвојуваат од буџетот на државата никогаш не се доволни, мора да признаеме дека со ваквата политика неповратно изгубивме десет години во кои со добра стратегија можеше да се изгради солиден здравствен систем, како и систем на социјална заштита, кои ќе бидат во служба на граѓаните.
Уништување на јавното здравство за да профитира приватното
Во тој период, некаде пред 2010 година започнаа да никнуваат првите приватни болници кои нудеа подобри плати и подобри услови за работа за медицинскиот персонал.
Тоа беше и вовед во комерцијализацијата на здравството. Тогаш започна и одливот на лекари и медицински сестри во приватните болници, кој од година во година се зголемуваше. Со тоа се создаде двоен здравствен систем. Од една страна имавме премногу политизирани и неефикасни државни здравствени установи кои пропаѓаа, а од друга модерни приватни болници кои нудат услуги за сите оние кои имаат да платат од свој џеб.
Погрешната политика која резултираше со лоши услови за работа на лекарите и на другиот медицински персонал, ниските плати, фронтот кој се создаде на релација меѓу министерот за здравство и лекарската фела за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, но и внатрешниот конфликт меѓу лекарите како резултат на лошите реформи, доведоа до масовен одлив на лекари и медицински сестри во приватните болници. Но, дали тоа беше осмислен чин за да се развива приватното здравство на сметка на јавното? Тенденцијата да се стимулираат приватните болници на сметка на државните влече корени уште од поодамна…
И тоа не беше тајна за познавачите на состојбите во здравството. Перманентното уништување на јавното здравство, запуштените болници без климатизација и топла вода, нељубезниот медицински персонал во нив, немањето лекови и реагенси, придонесоа пациентите полека да се преориентираат кон приватните болници.
Во тој добро смислен чин, кога не можеа да добијат навремени и квалитетни здравствени услуги, луѓето започнаа да се задолжуваат со кредити за да можат да се оперираат или лекуваат во некоја од приватните болници. Но, постоеше и веројатно сè уште постои премолчен договор пациентите да се препраќаат во приватни болници за снимања и испитувања од страна на одредени вработени во државните болници. Во тој контекст беа и долгите листи на чекање за операции и снимања или апаратите кои често се расипуваа.
Една анализа од 2013 година покажува дека граѓаните годишно за лекување, за набавка на лекови, медицински помагала и лабораториски испитувања вкупно трошат од 100 до 120 милиони евра или околу 30 проценти од парите определени за фондовските услуги. Според една груба пресметка, половина од овие средства одат на лекување, а другата половина на лекови без рецепт, кои се принудени сами да си ги купуваат.
Во исто време, и покрај најавите за современа опрема по болниците, лекарите имаа впечаток дека се растура здравствениот систем. Така, од еден здравствен систем кој декларативно е на солидарна основа се создаде систем во кој пациентите трипати плаќаат. Еднаш за здравствено осигурување во ФЗОМ, втор пат за партиципација за услугите и трет пат во приватните болници.
Купувањето на лекови во аптеките поради тоа што ги нема на рецепт (во позитивната листа повеќе од деценија нема внесено ниту еден нов лек) исто така асоцира на осмислен чин. И така здравството стана профитабилен бизнис, а по првите почнаа да се отвораат сè повеќе нови болници, дијагностички центри, рендген-дијагностики, лаборатории за анализи. Но, главните играчи (првите две-три болници), кои го делат колачот од ФЗОМ, добиваат сè поголема поддршка од Фондот, а започнаа да се зголемуваат и цените на одредени услуги.
Во јавноста неодамна се појавија информации дека во една или две од тие болници се фактурирале исти услуги по неколку пати, се наплаќало и преку Фондот и приватно, но детали и истрага немаше. Континуираната поддршка на приватните болници од страна на првите луѓе во здравството, која започна пред повеќе од една деценија, продолжува и понатаму.
Јавното здравство е сè уште во катастрофална состојба. Ова го потврди и последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, каде што се потенцира дека една третина од здравствените услуги граѓаните сами си ги плаќаат, но и дека нема напредок во заштитата на здравјето на граѓаните. Како ќе се крои здравствената политика понатаму, дали најавата за јавно-приватно партнерство ќе значи спас или доуништување на јавното здравство останува да се види.
Во продолжение се настаните и проектите кои се случуваа во здравството и социјалната заштита во последната деценија.
Пренесува: „Dubai – Portal“
Пишува: „NovaTV“















