Поминаа 96 години од прогласувањето на Република Турција, која правилото „Суверенитетот безусловно и без исклучок е на нацијата“ го постави во владеењето на државната администрација, а исто така ја круниса и демократијата, пишува Anadolu Agency (AA).
По победата во Националната борба, големиот лидер Мустафа Кемал Ататурк го сврте лицето на новата турска држава кон модернизацијата и демократијата.
Откако Анкара стана центар на турската Влада, требаше да биде избран новиот државен претседател. До тој ден функцијата претседател на државата ја водеше Ататурк, претседателот на Големото народно собрание на Турција (Парламентот).
Некои од странските земји за да го одобрат Договорот од Лозана сакаа Турција појасно да го дефинира новото државно уредување. Во исто време, се бараше итно решение и за оставката на Извршниот комитет и за неуспехот да се формира Кабинет кој ќе добие доверба во Парламентот.
На 25 октомври 1923 година по оставката на Владата се појави криза. Овој настан му даде можност на Ататурк да ја прогласи Републиката. Мустафа Кемал, откако Владата не можеше да биде основана до вечерта на 28 октомври 1923 година, во Претседателската палата „Чанкаја“ на своите пријатели им рече: „Утре ќе ја прогласиме Републиката.“
Ататурк таа вечер, заедно со Исмет Инону, подготвија измени и дополнување на некои членови од Уставот од 1921 година.
Некои од одредбите во нацртот, доставени за мислење до партиската група на 29 октомври 1923 година се:
– „Република е облик на владеење на државата“;
– „Државата Турција ги води управните единици преку владиниот Кабинет“;
– „Претседателот се избира од страна на Националното собрание на Турција, за еден мандат“;
– „Претседателот е шеф на државата. Со тоа име ако има потреба може да претседава со Собранието и Владиниот кабинет“.
Предлог-законот, за кој се расправаше во Парламентот, истиот ден беше одобрен со гласање на сите 158 члена кои присуствуваа на седницата.
Прогласувањето на Републиката беше поздравено со аплаузи и со зборовите „Да живее Републиката“.
– Се стави крај на дискусиите –
Веднаш потоа се одржаа претседателските избори.
Мустафа Кемал Ататурк, кој го доби гласот на сите 158 пратеници на тајното гласање, од турското Големо национално собрание беше избран за прв претседател на новата турска држава. Мустафа Кемал во говорот по гласањето истакна: „Република Турција, ќе биде среќна, успешна и победничка.“
На тој начин се стави крај на дискусиите за името на државата и режимот и беше решено прашањето за претседателството. Начинот на формирањето на Владата беше реорганизиран.
Според тоа, претседателот ќе го назначи премиерот, а премиерот ќе ги избере своите министри и ќе ги достави на претседателот на одобрување. Со оваа практика, се премина во парламентарен систем.
Исмет Инону беше назначен да ја формира првата влада, додека Фетхи Окјар беше избран за претседател на турското Големо народно собрание.
– Прогласен празник –
Турскиот народ го прослави прогласувањето на Републиката ноќта на 29 октомври и 30 октомври. Со декретот објавен на 26 октомври 1924 година, беше решено прогласувањето на Републиката да се прослави со 101 истрел од топ. Во согласност со одлуката, настаните на 29 октомври 1924 година го означија почетокот на прославите.
На 2 февруари 1925 година, Министерството за надворешни работи предложи 29 октомври да биде државен празник. Предлогот беше разгледан од Уставната комисија на Собранието и на 18 април беше донесена одлука. Предлогот на 19 април беше изгласан и во Турското големо народно собрание. Од 29 октомври 1925 година се слави како „Национален празник“.













