Кувајт со години е познат како една од најдемократските земји во Арапскиот Залив. Но, локалниот емир неодамна го суспендираше парламентот – оди ли Кувајт кон автократија?
Иако оваа земја богата со нафта е предводена од кралско семејство кое го назначува премиерот, таа исто така има избран парламент кој застапува различни интереси, редовно висок одѕив на гласачите и политичка опозиција која може да ја критикува дури и монархијата – колку што е дозволено.
Поради оваа причина, дури и меѓу експертите, Кувајт се смета за „оаза на демократијата“ и „осамена либерална држава“ меѓу автократските држави од Арапскиот Залив. Според Фридом Хаус, Кувајт и Либан се единствените земји на Блискиот Исток кои се класифицирани како „делумно слободни“ во годишната проценка на политичките права.
Но, на тоа сега би можело да му дојде крајот. Минатата недела, владејачкиот емир на Кувајт, шеикот Мешал Ал Ахмад Ал Џабер Ал Сабах, го суспендираше кувајтскиот парламент, кој без сомнение е централниот дел на демократијата во земјата.
Во изјавата на владејачката куќа на кувајтската државна телевизија, емирот штотуку објави дека парламентот и делови од уставот се суспендирани и дека овие елементи на државната администрација ќе бидат „ревидирани“, но само во „период не подолг од четири години”.
„Никој меѓу мене и народот“
Потегот на емирот уследи по долга политичка блокада: парламентарните избори беа распишани во март и одржани во април, но претставниците не сакаа да соработуваат со министрите назначени од кралската куќа. После тоа, шеикот Мешал едноставно ја укина парламентарната демократија. „Нема да дозволам да се користи демократијата за уништување на земјата“, рече емирот, убеден дека носи „тешки одлуки за спас на земјата“.
Така, раководството на Кувајт го презема семејството на монархот и 13 нови министри назначени од емирот оваа недела. Ова е исклучителен потег, бидејќи претставниците и Парламентот на Кувајт имаат многу поголеми овластувања отколку во другите земји од Заливот: тие треба да ги одобруваат министрите избрани од владетелот, можат да ги испрашуваат, па дури и да ја прекинат соработката – што значи дека владетелот мора да изберете друга личност.
Професорот по политички науки од американскиот универзитет Темпл, Шон Јом, истакнува дека во Кувајт „националниот идентитет и култура се вртат околу неприкосновената норма дека (кралското) семејство на Сабах не може да владее без согласност на народот. Но, во последните десет години, претставниците станаа политички поагресивни, што предизвика повеќе политички ќор-сокак и закони кои не беа изгласани. Има и случаи каде преку претставници се соочуваат разни фракции и интереси на членовите на владејачкото семејство.
Парламентот одлучува и за престолонаследникот
Резултатот е впечатокот дека поради политички спорови Кувајт почна да заостанува зад своите побогати соседи.
„Граѓаните со право ќе забележат дека Кувајт заостанува во реформите и развојот, особено со брзите промени во Саудиска Арабија“, изјави за ДВ Кристин Диван од Институтот за арапските држави од Персискиот Залив со седиште во Вашингтон. „За се е виновен Парламентот, но се работи и за личноста на Емир Мешал и неговата желба самостојно да ги назначи престолонаследникот и наследникот.
Емирот беше устоличен во декември минатата година и допрва треба да го именува неговиот наследник. И ова е особеноста на Кувајт: како што порано одлучуваа претставниците на главните семејства и племиња, сега наследникот на емирот го одобрува парламентот – кој веќе го нема.
На социјалните мрежи се шири аргументот дека одлуката на владетелот е резултат на заканата од подем на екстремните исламисти во таа земја, но експертите во Кувајт посочуваат дека екстремистите биле губитниците на неодамнешните парламентарни избори. Но, експертите посочуваат и дека и со одлуката за суспендирање на парламентот се уште не може да се даде одговор дали Кувајт тргнал по патот на автократијата.
„Има многу неизвесност откако емирот ги отфрли договорените правила на политичката игра“, смета Диван. „Се чини дека нема јасен план и тоа е можеби она што е најзагрижувачко. Професорот Јом додава дека „потеклото на самиот емир и неговиот стил на владеење се од големо значење за толкувањето на оваа суспензија на демократијата“. Додека претходните владетели на Кувајт претходно имаа политичка функција и беа навикнати на барањата на пратениците, шеикот Мешал „практично нема политичко искуство во граѓанското општество“.
Некој различен монарх
„Неговата кариера одеше поинаку, преку безбедносните и жандармерските сили. Не постои практика на политички компромиси со противниците, туку се сведува на строга хиерархија. Сега го гледаме тој начин на управување од горе надолу каде што нема многу толеранција за парламентарниот отпор или политичките препукувања“, вели Јом.
Слично на тоа, и покрај долгата традиција на заедничко одлучување, многумина во Кувајт сфатија дека нешто мора да се промени: „Мнозинството Кувајти се во дилема помеѓу желбата што поскоро да ја вратат функционалноста на нивниот парализиран политички систем и желбата во догледно време да им ги вратат слободите загарантирани со устав. И владата на Кувајт го разбира тоа, барем засега“, смета Јом.
Бадер ал-Саиф, професор по историја на Универзитетот во Кувајт, ги предупредува медиумите и експертите во странство дека е неопходно да се знае историјата и традициите на Кувајт пред да се направат паушални проценки: „Рано е да се каже дали ова е класичен случај на (демократска) регресија, клише што се пласира на некои од нашите пријатели на Запад“. На крајот на краиштата, професорот потсетува дека ова не е прв пат: емирите на Кувајт го суспендираа парламентот во 1976 година, а потоа повторно во 1986 година. Сепак, на крајот парламентот се врати, како и кувајтскиот устав.
„Ова е „кувајтски модел““, тврди Ал Саиф, каде што активна монархија е испреплетена со активен парламент. „Не се откажуваме од нашиот систем на отвореност, систем кој всушност му претходи на уставот, бидејќи произлегува од богатата култура на градење консензус што ја имаме речиси 300 години“, вели Ал Саиф.
Привременото суспендирање на парламентот нема да го уништи, убеден е кувајтскиот професор. „Да почекаме и да видиме. Ова е експеримент“.
(TBT, DW)









