Канадската разузнавачка служба уништила дел од архивите од периодот на Студената војна

0
124

Разузнавачко-безбедносниот сервис на Канада (CSIS) уништил досиеја со разузнавачки информации од периодот на владеењето на премиерот Пјер Трудо, таткото на актуелниот шеф на канадската Влада, Џастин Трудо, пренесува Anadolu Agency (AA).

Канадската новинска агенција (Canadian Press) објави дека на прашањето да ѝ се овозможи пристап до информациите од досиејата на Разузнавачко-безбедносниот сервис на Канада добила одговор дека досиејата на таа тајна служба од периодот на премиерот Пјер Трудо се уништени на 30 јануари 1989 година.

Истиот извор јавува дека Разузнавачко-безбедносниот сервис ги искористил овластувањата и го уништил тој дел од архивата, со образложение дека станувало збор за нецелосни и недоволни информации.

Разузнавачките податоци за лица во Канада подлежат на Законот за слобода кон пристапот до информации дури 20 години по смртта на лицето. Со оглед на тоа што Пјер Трудо починал во септември 2000 година, и податоците кои ги има канадската тајна служба, сѐ уште се недостапни.

Историчарите во Канада се разочарани од информацијата дека е уништен дел од архивата на Разузнавачко-безбедносниот сервис на Канада кој се однесува на многу значајна историска епоха на таа земја.

„Тоа е злосторство сторено против канадската историја“, рече Стив Хјуит, поранешен безбедносен претставник и историчар.

Пјер Трудо на функцијата премиер на Канада беше над 15 години и тоа во периодот на Студената војна (1968 – 1979 и 1980 – 1984 година), кога се случуваа бројни шпионски афери и скандали.