Откако властите на Албанија прогласија за „персона нон грата“ двајца ирански дипломати вработени во иранската амбасада во Тирана, се огласи портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Бехрам Касими, кој изјави дека на донесувањето на ваквите одлуки на албанските власти влијаел притисокот на САД и Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Касими во изјава за иранската новинска агенција ИРНА истакна дека смета оти ваквата иницијатива е покрената со цел нарушување на добрите односи на Иран со Европа.
„Албанија во овој случај беше жртва на сценариото на САД, Израел и одредени терористички групи“, порача Касими.
Тој смета дека на одлуката на Албанија постоеле влијанија од другите земји и потсети дека оваа одлука на албанските власти најпрво ја поздравиле министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео и американскит советник за национална безбедност, Џон Болтон.
„Албанија мора да има сила да ја заштити својата независност и безбедност, и не смее да допушти другите земји да влијаат на нејзините односи со Иран“, нагласи Касими, и додаде дека за оваа тема ќе бидат објавени разговорите со албанските официјални претставници.
Портпаролката на албанското Министерство за Европа и надворешни работи, Елдира Пренди, за АА изјави дека иранските дипломати кои ги кршеле дипломатските норми, биле прогласени за непожелни.
„Албанија за непожелни прогласи двајца дипломати на иранската амбасада кои се сомничат за вмешаност во активностите кои претставуваат безбедносна закана за државата“, изјави Пренди, и додаде дека официјална Тирана оваа одлука ја донела во консултации со сојузничките земји.











