Здружението на новинарите на Македонија во четвртокот потпиша Меморандум за соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен каркатер, кој превидува организирање на заеднички обуки и кампањи за промовирање на правото на слободен пристап. Меморандумот беше потпишан од претседателот на Комисијата, д-р Ѓорги Сламков и претседателот на Здружението, Насер Селмани.

Претседателот на ЗНМ Селмани рече дека Комисијата е сојузник на новинарите во добивање на информации од институциите и за зголемување на притисокот врз институциите да бидат транспарентни и отчетни. Селмани се заблагодари на членовите на Комисијата за придонесот за промовирање на правото на слободен пристап до инфорамции од јавен карактер, кое многу важно во работата на новинарите. Тој сметаше дека со заеднички напори може да се направи многу повеќе со прекинување на молкот на администрацијата, која често се оглушува на барањата на новинарите и граѓаните да добијат некоја информација од јавен карактер.

Претседателот на Комисијата, д-р Сламков, потенцира дека Меморандумот отвора перспектива во развојот на соработката помеѓу двете институции на полето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер, преку учество во организација на обуки за новинари и претставници на јавните институции за зголемување на транспарентноста на институциите во Република Македонија. Сламков додаде дека меморандум предвидува организирање на јавни кампањи со цел да се подигне нивото на транспарентност на институциите, како и за подигнување на свеста кај граѓаните за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според него, Комисијата го штити и промовира правото на граѓаните за слободен пристап до информации од јавен карактер преку ефикасно и независно спроведување на жалбената постапка и преку информирање на јавноста и континуирана едукација на имателите на информации.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here