Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека САД го признаваат Ерусалим како главен град на Израел.
Таквиот потег на Трамп во Белата куќа го нарекле”признавање на историската и актуелна реалност”. Американската администрација соопшти дека одлуката нема да влијае на прашањето на границите.
Трамп му наредил на Стејт департментот да започне да работи на преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, имајќи ја предвид потребата од најниски трошоци за американските даночни обврзници. Засега, САД сеуште не се одлучиле за датумот на преместување и новото место на амбасадата.
Оваа одлука предизвика лавина од негативни критики во исламскиот свет, но исто така и во Русија и Кина.
Турција свика итна седница на Организацијата за исламска соработка

ФОТО: Илустрација, Реџеп Тајип Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повика на итен самит на лидерите на Организацијата за Исламска соработка на 13 декември во Истанбул, изјавил неговиот портпарол Ибрахим Калин.
“Признавањето на Ерусалим за главниот град на Израел ќе биде страшна грешка и кршење на меѓународното право. Ерусалим е наша заедничка одговорност. Нашиот претседател рече дека ова е црвена линија за муслиманите “, изјавил портпаролот на претседателот Ердоган.
Ибрахим Калин, исто така, истакнал дека претседателот на Турција, како земја што претседава со Организацијата за исламска соработка, ќе ги повика лидерите на групата земји да ги координираат своите активности како одговор на оваа одлука на Белата куќа.
Тој, исто така, надополни дека Реџеп Тајип Ердоган по ова прашање имал телефонски разговори со лидерите на Индонезија, Иран, Катар, Малезија, Пакистан, Саудиска Арабија и Тунис.
Претходно турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пред состанокот со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјавил дека преместувањето на американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим ќе биде голема грешка и може да доведе до хаос. Во вторникот Ердоган изјави дека активностите на САД би можеле да ги прекинат дипломатските врски меѓу Турција и Израел.
И Москва и Пекинг изразија загриженост во врска американската одлука

ФОТО: Владимир Путин – Кси Џинпинг
Москва и Пекинг изразија загриженост поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на израелскиот режим.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва е загрижена за последиците од одлуката на Трамп, вклучувајќи го и ризикот од влошување на ситуацијата на окупираните палестински територии.
“Ситуацијата не е едноставна. Во разговорот со Абас, слушнавме загриженост од евентуална ескалација на конфликтот околу оваа одлука “, рекол Песков, коментирајќи го телефонскиот разговор кој по ова прашање го одржале Владимир Путин и палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Кинеското Министерство за надворешни работи, исто така, одговори на изјавата на Вашингтон. Генг Шуанг верува дека статусот на Ерусалим, или Ал-Кудс, како што го нарекуваат Палестинците, е сложено и чувствително прашање.
“Сите страни треба да сторат повеќе за мирот и тишината во регионот, да се однесуваат внимателно и да избегнуваат одлуки што би можеле да предизвикаат нови непријателства во регионот”, рекол Генг, додавајќи дека Кина е загрижена дека одлуката на Белата куќа “може да ги влоши конфликтите во регионот” .

ФОТО: Незадоволство заради одлуката на Трамп
Произраелската одлука во Белата куќа предизвика бес и ги вознемири разните делови од светот. Бројни официјални лица, а не само муслимански држави, изјавија дека одлуката ќе предизвика гнев на муслиманите и ќе ги блокира сите напори за постигнување траен мир на окупираните палестински територии.
Во другите вести, палестинските фракции најавија “Три денови на бес”, почнувајќи од оваа среда, осудувајќи го можното преселување на американската амбасада. Палестинските фракции ги повикаа симпатизерите од целиот свет да се соберат во центрите на нивните градови за да го покажат својот став кон ционистичкиот режим.
Иран го осудува тековниот потег Трамп
Иранскиот претседател Рохани изјавил дека одлуката на Белата куќа ќе го дестабилизира целиот регион, а врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеј, предупредува дека секоја ерусалимска приказна на крајот ќе заврши со ослободување на Палестинците од ционистите.
“Изјавите на оние кои сакаат да го прогласат Ерусалим како главен град на окупирана Палестина се резултат на нивната слабост и беспомошност. Што се однесува до Палестина, нивните раце се врзани и не можат да ги постигнат своите цели “, рекол иранскиот лидер Ајатолахот Али Хамнеи.
Иранскиот Врховен лидер нагласи дека во оваа борба ќе победи палестинскиот народ и Ерусалим ќе биде нивна земја.
Ајатолах Али Хамнеј надополнил дека : ” исламскиот свет ќе се соочи со оваа одлука и предупреди на превземање такви мерки кои на ционистите ќе им зададат силен удар кој ќе резултира со ослободување на Палестина”.

ФОТО: Хасан Рохани – ирански претседател
Ајатолахот Али Хамнеи смета дека “американската светска хегемонија, ционистичкиот режим и некои реакционерни муслимански лидери денес се најголемите непријатели на исламскиот свет и учењата на пророкот Мухамед”.
“Денес, фараоните од регионот, САД, ционистичкиот режим и сите негови следбеници, сакаат да распламтат војна во регионот. Ова е дел од планот на САД. Самите Американци тврдат дека мора да водат војна во регионот за да ја зачуваат безбедноста на ционистичкиот режим “, продолжил иранскиот врховен лидер.
Во светло на гласините што циркулираат овие денови, иранскиот лидер негираше дека некои регионални водачи и елити ги слушаат американските команди и дејствуваат против исламот.
Ајатолах Хамнеи истакна дека единството и отпорот кон Израел е начин за решавање на проблемите на исламскиот свет.
“Прашањето за Палестина е ср`ж на сите работи на исламската нација и секој треба да се залага за ослободување и спас на палестинскиот народ”, рекол иранскиот лидер.
Тој, исто така, ги предупреди некои влади дека нивните постапки ќе доведат до уништување на сè што е кажано во муслиманската света книга.
Повеќе од 500 интелектуалци и муслимански лидери се состанаа во Техеран, каде што присуствуваа на 31. Меѓународна конференција за исламско единство. На денот на објавувањето на одлуката на Белата куќа тие се сретнале со ајатолахот Хамнеи, а на состанокот присуствуваа ирански претставници и амбасадори од различни муслимански земји.
Пентагон испраќа засилувања на Блискиот Исток

ФОТО: Илустрација, американска армија
Агенциите известуваат дека САД испратиле неколку тимови на маринци во одредени земји од Блискиот Исток, а нивната задача е да ја зајакнат безбедноста на нивните амбасади.
Мерката преземена во вторникот била наречена “паметно планирање” за Блискиот Исток, пред американскиот претседател Доналд Трамп да објави дека Ерусалим ќе го прогласи како главен град на израелскиот режим, објавија американски официјални лица за ABC News.
Извори, исто така, рекоа дека во регионот се планира да испрати противтерористичка флота на американската морнарицата ФАСТ.
“Поради оперативната безбедност, нема да одам во детали, но Министерството за одбрана ги презеде неопходните чекори за ублажување на заканите насочени кон американскиот персонал и интересите ширум светот”, рекол портпаролот на Пентагон, полковникот Мајк Ендрјус.
Тимовите FAST се состојат од група од околу 40 специјално обучени морнари за понатамошно обезбедување на американски дипломатски капацитети низ целиот свет.
Извор:Logicno









