Површината на акумулациското езеро Бадовац, еден од главните извори на вода за пиење за главниот град на Косово, Приштина, покриена е со ѓубре и пластичен отпад, објавува Анадолу.

Обилните дождови што предизвикаа поплави низ цел Косово во последните недели открија сериозен еколошки проблем.

На површината и по должината на бреговите на акумулацијата Бадовац, изградена во 1960-тите и со капацитет од 26 милиони кубни метри вода, забележано е акумулирање на пластични шишиња, автомобилски гуми, градежен отпад и друг комунален отпад.

Националниот институт за јавно здравје на Косово ги повика граѓаните да не ја користат водата од овој извор за пиење од 13 јануари додека не се подобри квалитетот на водата.

Граѓаните апелираа на социјалните мрежи за итна реакција од надлежните институции, за чистење на езерото, кое е и туристичка дестинација, и за преземање мерки за спречување на понатамошно загадување.