Европскиот парламент поддржа мерка која има за цел зајакнување на европската одбранбена индустрија и олеснување на изградбата на инфраструктура со двојна намена преку прилагодување на постојните програми на ЕУ.
Мерката, која беше поддржана од 519 европратеници, со 119 гласови против, ќе ги промени правилата на постојните програми на ЕУ, како што се Дигитална Европа, Хоризонт или Инструментот „Поврзување на Европа“, за да ги направи достапни и за одбранбени и за проекти со двојна намена.
„Одбраната повеќе не е табу за европските фондови, а оваа регулатива ја одразува оваа промена“, изјави Рихард Колс, известувачот за мерката, пред Европскиот парламент во понеделник.
Новата мерка им дава на земјите-членки алатки да „трошат за одбрана без да ги зголемат своите буџети“ и „поставува преседан“ за тоа како ЕУ треба да пристапи кон зајакнување на својата одбранбена индустрија, нагласи латвискиот конзервативец.
Тој рече дека тоа, на пример, ќе им овозможи на земјите-членки да ги пренасочат непотрошените кохезиони фондови кон одбранбена и двојна инфраструктура. Програмата Дигитална Европа сега ќе дозволи проекти кои се борат против хибридни закани или ја зајакнуваат сајбер отпорноста, а програмата Хоризонт се отвора за цивилни проекти со потенцијална воена употреба, објавува Хина.
Новата мерка ја прави Украина дел од Европскиот фонд за одбрана, а проектите за воена мобилност се додаваат во Инструментот за поврзување на Европа (CEF).
„ЕУ конечно ги прилагодува своите алатки на денешните безбедносни околности. Не станува збор за нови буџети, туку за користење на постојните програми на попаметен и постратешки начин“, заклучи Колс. „Сега алатките се на место, а реализацијата мора да следи.“










