По повод најавата за настанот „Нели си се наспало“ во Струга

Со жалење ја следиме најавата за културниот настан „Нели си се наспало“, во чие претставување е користен терминот „македонци – муслимани“ за опис на традицијата на населението од Струшки Дримкол.

Сметаме дека ваквиот израз е неточен, застарен и културно навредлив, бидејќи не ја одразува вистинската етничка припадност на луѓето кои потекнуваат од овој регион.
На последниот државен попис, жителите на овој крај се изјаснија како Торбеши, што претставува нивно историско и културно име, длабоко вкоренето во традицијата, јазикот и идентитетот.


Користењето на изрази кои не соодветствуваат на современата реалност создава забуни, историски неточности и непочитување на етничкиот идентитет на луѓето кои векови ја градат културната разновидност на Македонија.

Го повикуваме организаторот и Министерството за култура, кое го поддржува проектот, во иднина да внимаваат на точната етничка терминологија и да покажат респект кон сите заедници во нашата држава.

Традицијата на Торбешите е богат дел од македонското културно наследство — но таа треба да се прикажува автентично, со вистинското име и достоинство што го заслужува.
БАРАМЕ ИТНО ЗАПИРАЊЕ И НЕОДРЖУВАЊЕ НА НАСТАНОТ ПОД ОВА ИМЕ,
сè додека не се изврши корекција во насловот и описот, со почитување на вистинскиот етнички идентитет на луѓето од Струшки Дримкол.

Го повикуваме Министерството за култура и Куд Илинден од Струга, веднаш да преземат мерки, да ја исправат оваа грешка и да овозможат културните настани да се одржуваат со почит кон историската и етничката вистина.

Традицијата на Торбешите е вредност што треба да се негува, но автентично, со вистинското име и достоинство што го заслужува.

Извор: Фацебоок/Здружение на Обединети Торбеши