Дивоградбите, урбаниот хаос, набавките на отровен мазут, шетањето во Турција на обвинетиот Јахоски, криминалот во Државна лотарија, профитирањето од набавките на јаглен, нови сомнителни тендери… Малку кој верува дека виновниците ќе бидат казнети. Зошто? Њузлетер 06.06.2025
„Нема правда, нема мир“ беше слоганот на таканаречената Шарена револуција, со чија помош беше соборена владата на Никола Груевски и заменета со владата на Зоран Заев. Главното ветување беше расчистување со криминалот и корупцијата, а за таа цел беше формирано и Специјално јавно обвинителство.
Од крупните афери – епилогот беше – Груевски си замина од државата, Сашо Мијалков и други „крупни риби“ ги влечкаа по судови, некои предмети застареа и речиси поминаа неказнето. Во меѓувреме, падна и главната обвинителка на СЈО, Катица Јанева, – за корупција.
Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, во коалиција со ВРЕДИ и ЗНАМ, лани, почнаа да излегуваат на виделина и криминалите и аферите на претходната власт, предводена од СДСМ и ДУИ.
Состојбата е слична и сега. Зоран Заев го нема, (се шпекулира за бизниси во Дубаи, во Индија…) Артан Груби, осомничен за малверзации во Државна лотарија, избега, како и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, исто така осомничен за малверзации со тендери. Асмир Јахоски, газдата на Пуцко петрол, кој заедно со Ратко Капушевски се осомничени за увоз на отровен мазут, беше притворен, па ослободен и се шета надвор од државата.
Како е сето ова можно?
Лесно – според една поговорка, – се што не може да се купи со пари, може со МНОГУ пари. Да има за сите, и за политичари и за истражни органи и за обвинители и судии. Или, ако со време сте инсталирале свои луѓе на врвовите на тие институции.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно на прес конференции објавува афери за наводни криминали на Заев, за сегашниот лидер на СДСМ, Филипче, и други, но без ефект, освен за политички поени. А власт се и најодговорни за состојбите во државата.
Истото, само за актуелните функционери и новите сомнителни тендери го прави СДСМ, но, и тоа е без ефект.
RSE









