Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи со операциите против Работничката партија на Курдистан (ПКК) доколку се запре процесот на разоружување на групата или не се исполнат ветувањата.

Ердоган ова го изјави на настан во Истанбул на првиот ден од муслиманскиот месец Рамазан, пишува Ројтерс, пренесува Танјуг.

„Од сега па натаму ќе продолжиме да следиме меѓусебно почитување, толеранција и дијалог наместо говор на омраза, тепачки и тензии. Сепак, секогаш ја држиме подготвена железната тупаница во случај раката што ја пружаме да остане во воздух или да биде касната. Ако не се исполнат дадените ветувања, ако процесот некако се претвори во одолговлекување, одложување, измама, постапување како досега под друго име, тогаш гревот нема да биде врз нас. Доколку е потребно, ќе продолжиме со нашите тековни операции додека не биде елиминиран последниот терорист“, рече Ердоган.

ПКК, која Турција ја смета за терористичка организација, објави прекин на огнот со Анкара како одговор на повикот на нејзиниот лидер Абдула Оџалан, објавија претходно турските медиуми.

„Се согласуваме со содржината на повикот и изјавуваме дека ќе ги почитуваме и исполниме неговите барања од наша страна. Прогласуваме прекин на огнот почнувајќи од денес“, нагласи ПКК.

Водачот на ПКК Абдула Оџалан, кој од 1999 година отслужува доживотна затворска казна во затвор на островот Имрали во близина на Истанбул, во четвртокот ги повика своите поддржувачи да го положат оружјето и да ја распуштат организацијата, што може да стави крај на четиридеценискиот конфликт со Анкара и да предизвика политички и безбедносни промени во регионот.

Во пораката испратена од затвор Оџалан (75) вели дека Курдистанската работничка партија треба да одржи конгрес и да донесе одлука за нејзино распуштање.

Според Си-Ен-Ен Турк, турската влада очекува распуштањето на ПКК да трае два до три месеци, пренесува Алџезира.