Турската полиција во средата уапси 217 лица, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја, откако беа употребени солзавец и гумени куршуми за да се спречат демонстрантите да стигнат до плоштадот Таксим, традиционалниот центар на првомајските собири во Истанбул.

Претседателот Тајип Ердоган во пресрет на Први мај изјави дека нема да се дозволи одржување на годишните протести на плоштадот Таксим, кој беше опколен од полицијата.

Лидерот на главната турска опозициска Републиканска национална партија (ЦХП), Озгур Озел, повика на одржување на собирот на плоштадот и покрај забраната издадена од канцеларијата на гувернерот на Истанбул.

„Ако 1 мај не се слави на главниот плоштад во земјата, демократијата е во неволја. Оваа борба ќе продолжи додека не се ослободи Таксим“, им изјавил Озел на новинарите во средата.

Медиумски извори наведуваат дека во текот на вчерашниот ден во Истанбул биле ангажирани дури 42.000 полицајци.

Протестите често се фокусирани на плоштадот Таксим, каде за време на демонстрациите на 1 мај 1977 година беа убиени 34 лица.