Од оштетената јапонска нуклеарна централа Фукушима истекла околу 5.500 литри загадена радиоактивна вода во животната средина пред да биде третирана во средата, но тоа не предизвика „забележително“ зголемување на радиоактивноста во околината, соопшти Тепко, која управува со централата.

Компанијата тврди дека не е откриена трага од контаминација надвор од локацијата, објави Фигаро, а пренесува Танјуг.

Протекувањето било запрено околу 20 минути откако бил откриен од работник во средата наутро, пренесува Тепко.

Како што е наведено, истекувањето се случило пред радиоактивната вода да се ослободи од повеќето радиоактивни материи и може да содржи радиоактивни изотопи како што се цезиум 137 и стронциум 90, изјави портпаролот на Тепко.

Тој посочи дека компанијата планира да ја отстрани почвата што беше загадена од истекувањето.

Електраната е уништена во земјотресот
Нуклеарната централа Фукушима Даичи беше уништена во цунамито и разорниот земјотрес во 2011 година.

Извлекувањето на стопеното гориво од оштетените реактори допрва треба да започне.

По одобрението од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Јапонија почна многу постепено да испушта повеќе од 1,3 милиони кубни метри радиоактивна вода од нуклеарната централа во Тихиот Океан минатото лето, откако водата беше исчистена.

Јапонија и МААЕ уверуваат дека овој процес, кој треба да трае до почетокот на 2050-тите, е безбеден за здравјето на луѓето и за морската средина.

Кина и Русија, сепак, изразија сериозна загриженост и го прекинаа целиот увоз на јапонски морски плодови.

Денес, исто така, имаше инцидент на друга јапонска нуклеарна локација: чад и искри се појавија во издувната цевка на реакторот што се демонтира во електраната Цуруга во централна Јапонија. Ситуацијата беше решена веднаш, без да се предизвикаат повреди или истекување на радиоактивни материјали, изјави портпаролот на операторот на нуклеарната централа.

(Vijesti.ba)