Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса денес вети дека неговата земја нема да отстапи од заложбите за обезбедување на правото на Палестинците на самоопределување, јавува Анадолија.
Во телевизиско обраќање до нацијата веднаш откако Меѓународниот суд на правдата (МСП) му нареди на Израел да ги преземе „сите мерки во негова моќ“ за да ги спречи актите на геноцид во Газа, Рамафоса изрази уверување дека наредбата ќе го отвори патот за крај на сегашната криза во палестинската енклава .
Рамафоса рече дека некои ја критикувале Јужна Африка дека го однела Израел во Хаг, но тој инсистираше на тоа дека како земја што го доживеала апартхејдот, не може да стои настрана и да гледа како се одвиваат злосторствата без да преземе акција.
Во петокот, МСП му нареди на Израел да преземе итни и ефективни мерки за да овозможи испорака на итно потребните основни услуги и хуманитарна помош за Појасот Газа, но не нареди прекин на огнот.
Јужна Африка поднесе тужба против Израел на 29 декември 2023 година, тврдејќи дека ги прекршила своите обврски од Конвенцијата за геноцид и бара привремени мерки за „спречување на понатамошна, сериозна и непоправлива штета на правата на палестинскиот народ според Конвенцијата за геноцид“.
– Никогаш повеќе овие акти на геноцид нема да бидат извршени неказнето – рече јужноафриканскиот претседател и додаде дека сторителите мора да одговараат.
Во претходното соопштение на Министерството за надворешни работи на Јужна Африка се вели дека земјата „ќе продолжи да прави се што е во нејзина моќ за да го зачува постоењето на палестинскиот народ, да стави крај на сите чинови на апартхејд и геноцид врз палестинскиот народ и да оди со нив кон остварување на нивното колективно право на самоопределување“.
– Како што еднаш рече Нелсон Мандела, „нашата слобода е нецелосна без слободата на Палестинците“ – додаде тој.









