Најмалку 33 Палестинци загинаа, а голем број се повредени во израелските воздушни и копнени напади врз различни делови на Појасот Газа во текот на ноќта.
Според официјалната палестинска новинска агенција ВАФА, здравствени извори потврдиле дека 33 лица, меѓу кои деца и жени, загинале, а десетици се повредени како последица на бомбардирањето на десетици куќи во Газа во раните утрински часови.
Израелските сили со интензивен артилериски оган нападнаа и различни области на Кан Јунис на југот на Појасот Газа и бегалските кампови Бурајџ и Ал-Магази во централниот дел.
Поради тековните израелски напади, веќе четири дена се целосно прекинати комуникациските и интернет услугите во Појасот Газа.
Најмалку 24.100 Палестинци се убиени, а 60.834 се ранети во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега, соопшти утринава Министерството за здравство во блокираната палестинска енклава, пренесува Anadolu.
– Израелските окупаторски сили извршија 12 масакри врз семејства во Појасот Газа, што резултираше со 132 загинати и 252 повредени лица во последните 24 часа – се наведува во соопштението.
Според Обединетите нации (ОН), 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено поради израелските напади и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или целосно уништени.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Габрејесус вчера предупреди дека жителите на Газа живеат во пекол и дека во тој регион нема безбедно место.
– 100 дена непрестајна несигурност и страв не се опишуваат, а тоа продолжува. Мора да се направи се за да се стави крај на насилството за да се спречат повеќе непотребни смртни случаи и повреди. Ослободете ги заробениците. Прекин на огнот, сега – изјави тој на социјалната мрежа Х.









