Глобалната економија се соочува со ризици за финансиската стабилност, поради турбуленциите во банкарскиот сектор.
На ова предупреди извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгијева.

Георгиева рече дека зголемувањето на каматните стапки изврши притисок врз долгот, предизвикувајќи „стрес“ во водечките економии и кај кредиторите, објави Гардијан.

Таа рече дека светската економија ќе порасне за само три проценти оваа година, бидејќи зголемените трошоци за задолжување, во комбинација со војната во Украина и лузните од пандемијата на Ковид-19, ќе го задушат растот.

Придружувајќи се на многуте предупредувања на економските лидери, извршниот директор на ММФ изјави дека е јасно дека ризиците за финансиската стабилност се зголемени по неодамнешниот колапс на банката во Силиконската долина и интервенцијата на швајцарската влада во спасувањето на Credit Suisse од UBS.

„Во време на зголемени нивоа на долг, брзата транзиција од продолжен период на ниски каматни стапки кон многу повисоки стапки, неопходни за борба против инфлацијата, неизбежно создава стрес и ранливост, како што беше потврдено од неодамнешните случувања во банкарскиот сектор во некои напредни економии. “, рече Георгиева на конференција во Пекинг.

Таа ги даде коментарите откако Европската централна банка (ЕЦБ) рече дека неодамнешните банкарски превирања ќе имаат влијание врз бизнисот и растот.

Централната банка на ЕУ стравува дека проблемите во банкарскиот сектор ќе резултираат со помал раст и ќе ја забават инфлацијата, изјави потпретседателот на ЕЦБ Луис де Гуиндос во интервју за „Бизнис пост“.

„Нашиот впечаток е дека тие ќе доведат до дополнително заострување на кредитните стандарди во еврозоната. А можеби тоа ќе доведе до помал раст и помала инфлација“, рече тој.