Фудбалерот на турскиот Бешикташ, Јозеф де Соуза, денес во болница го посетил 13-годишното момче Арда Џан Овун, кое било спасено 128 часа по земјотресот од под урнатините во разурнатиот Хатај, јавува Анадолија.

Откако беше спасен од под зградата во Антакија (Антиохија), Арда беше префрлен во градската болница во Адана, каде денеска имаше ненадејна посета.

Бразилецот Жозеф де Соуза реши да го изненади 13-годишното момче кое е страствен навивач на „црно-белиот“ клуб од Истанбул. Арда беше видно изненаден, но сепак со насмевка на лицето. Вистинската радост дојде кога омилениот фудбалер му подари потпишан дрес.

“Ти честитам. Ти си вистински херој. Ти си херој на турскиот народ. Сите знаат колку си силен. Големо е задоволството да се фотографирам со тебе. Ти посакувам брзо закрепнување”, рекол Јозеф де Соуза во разговор со Арда.

Во разговор со новинарот на Анадолија, Арда ги сподели моментите поминати под урнатините во Хатај. Рече дека живеел во урната петкатница со мајка му, татко му и тројцата браќа.

„Бев заглавен, се обидов да ги отстранам камењата каде што беше заглавена главата на брат ми. Темна средина, ништо не се гледаше. Беше студено, бев гладен и жеден. Шест дена не знаев дека сум под урнатините Мислев дека сум таму ден-два. Кога ме извлекоа, реков: Животот ми е спасен“, изјави Арда.