Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека „воопшто не се сомнева“ во победата на Русија во офанзивата во Украина, речиси една година по нејзиното започнување и покрај серијата тешки воени порази, пишува АФП.

Победата е „сигурна, воопшто не се сомневам во тоа“, рече рускиот претседател за време на посетата на фабриката за оружје во Санкт Петербург. Според Путин, на Русија може да и помогне „единството на рускиот народ, храброста и херојството на нашите војници (…) и, се разбира, работата на нашиот воено-индустриски сектор. Лидерот на Кремљ повторно рече дека Русија се бори против „неонацистичкиот режим“ во Украина и нагласи дека ќе продолжи да им „помага“ на жителите на сепаратистичкиот исток на Украина. „Не можеме да не ги заштитиме“, посочи тој. “Ние ќе победиме”.

Овие изјави доаѓаат околу 11 месеци по почетокот на офанзивата во Украина, каде руските сили претрпеа серија големи порази во последните месеци во борба со украинските војници. Поради тешкотиите на теренот, Путин нареди мобилизација на 300.000 резервисти и бомбардирање на енергетската инфраструктура на Украина.

Минатата недела руската армија и платениците на Вагнер групата објавија дека го зазеле градот Соледар, во источна Украина, во близина на Бахмут, кој Русите се обидуваат да го освојат со месеци. По веста за заземањето на Соледар, Владимир Путин ја пофали „позитивната динамика“ на бојното поле, нагласувајќи дека „се оди според планот на Министерството за одбрана и Генералштабот на вооружените сили“.