Иако Македонија е сиромашна земја, нивото на фрлена храна е како кај развиените земји, покажува Извештајот за индексот на фрлена храна на ОН. Од невладината „Банка за храна“ велат дека сè додека законски не се регулира оваа област, а во услови на енергетска криза, ќе има сè помалку храна за оние на кои им е најпотребна.

Секој поединец во земјава во просек фрла околу 83 килограми храна годишно, покажува Извештајот за индексот на фрлена храна на Обединетите Нации. Ова ниво на фрлена храна е исклучително високо и е на ниво на развиените земји, односно ние спаѓаме во првата половина на земјите во Европа по количеството на фрлена храна, коментираат упатените.

Во услови кога се зголемуваат цените и се најавува тешка енергетска зима, очекувањата се дека храната ќе биде се поскапа и се понедостапна за граѓаните. Активистот за социјална правда Здравко Савески вели дека фрлањето храна не е само фрлање на храна, туку фрлање пари и непочитување на трудот на работниците кои ја произвеле таа храна.

„Луѓето треба да внимаваат повеќе околу храната што ја купуваат, односно да не купуваат повеќе од тоа што им треба, па после да ја фрлаат храната во канта откако ќе помине рокот. И второ треба секогаш да внимаваат на роковите, така што порационално трошење во услови на инфлација е секогаш добар совет“, вели Савески.

Во Македонија не постои законска рамка која го регулира фрлањето храна и нејзиното дистрибуирање на оние на кои им е потребна. Нацрт верзија постои, но таа никогаш не стигна до законодавниот дом, велат од организацијата Банка за храна.

Повеќе на: РСЕ