Реката Вардар е претворена во депонија во која се слева целата скопска канализација. Од ЦЈЗ-Скопје предупредуваат на потенцијалната опасност од користење на загадените води за наводнување. Вардар во скопско не смее да се користи ниту за капење, ниту за полевање.

Покрај дива депонија, во непосредна близина на Вардар расте жито. Во близина има и пластеници, каде летово треба да пораснат пиперки и домати. Овие култури се одгледуваат покрај една од најзагадените реки во Европа, чија вода, според мерењата на Центарот за јавно здравје-Скопје, не смее да се користи за ништо ако претходно не биде прочистена. Вклучително и за активности како капење или наводнување бидејќи е од четврта или од најлошата, петта класа.

Податоците за загадувањето на реката во скопскиот регион, за изминатите три години покажувааат дека скоро сите примероци кои се испитувале биле физичко -хемиски неисправни, додека бактериолошки неисправни биле 100% од испитуваните мостри. Според мерењата на надлежните, најзагадено е во долното течение на реката, каде се слеваат и сите фекалии од скопската канализација што се уште непрочистена се испушта во Вардар.

 

 

Вардар низ скопско тече, фекалии влече

Риби со мирис на прашок

Костадинка Велјановска живее во Скопско поле. Револтирана е од загадувањето на реката и несовесноста на луѓето. Вели дека нејзиниот сопруг рекреативно лови риба која понекогаш ја јадат, но честопати е неупотреблива.

„Од дете јадам риба и татко ми беше рибар, ама порано Вардар беше Вардар. Дури и се продаваше рибата, толку многу фаќаа риба. И мажот ми исто. Ама сега, нему повеќе му е за занимација, арно ама има и периоди кога е убава рибата, кога не мириса, а има периоди кога мириса и тогаш не ја јадеме, ја фрламе. Како некој прашок, некој чуден прашок, не знам да го опишам“, раскажува таа.

Само мината година на пример, биле анализирани 34 примероци од шест мерни места по течението на Вардар низ Скопје, при што се утврдило дека 88% од водите биле од четврта класа, а 12% од петта. Слична е состојбата и со нејзините притоки Лепенец и Пчиња, додека нешто подобра е водата во Треска. Од неа лани биле анализирани 17 примероци, од кои најголем дел се класифицирани во четврта категорија (76%), а по 12% во втора и трета класа.

Согласно со Уредбата за класификација на водите која е донесена во уште во далечната 1999 година, водите од втора категорија може да се употребуваат и за капење, а од трета само за наводнување без претходно прочистување.

Повеќе на РСЕ