Продолжува трендот на масовно купување на некои производи во маркетите. Во некои од нив деновиве не може да се најде зејтин, а полупразни се и рафтовите со брашно. Социолозите велат дека ваквото нерационално однесување на граѓаните е поттикнато од стравот од поскапувањата и војната во Украина.
Полупразни рафтови на кои стојат брашното, шеќерот, зејтинот, лебот се забележуваат деновиве низ маркетите ширум земјава. Пред поголемите маркети каде што се забележуваат и најголемите гужви, повторно стојат редари кои се обидуваат да воспостават ред кај потрошувачите.
Продавниците се полни со купувачи кои купуваат поголеми количества од основните производи за исхрана, на тој начин создавајќи резерви за неколку следни недели.
„Мислиме дека ќе заштедиме, ама поскапувањето не е еднократно“
Граѓаните кои ги сретнавме пред еден од скопските маркети забележале дека луѓето панично купуваат и ги полнат торбите. Дел од нив велат дека некои од производите по кои дошле, ги немало.
„Денеска го гледав брашното, утре го нема. Јас не купувам количински, купувам вреќичка до 5 килограми, резерви никако не правам, едно до две шишиња зејтин и толку“, вели Борка Атанасовска.
„Пред мене тој што беше гледам 4 шишиња зејтин носеше, па продавачката вика имаше, ама се потроши…Не треба толку, земи си едно шише, после неколку дена пак ќе си купиш, не треба толкава паника“, вели Игњат од скопско Стајковци.
„Гужва е, нема зејтин. Викаат штом го донесеме, веднаш го снемува. Мислат дека ќе заштедат, а одеднаш даваат многу пари. Сите мислиме дека нешто ќе заштедиме, ама поскапувањето не е еднократно“, вели Лилјана Стојановска.
Маркети ограничуваат колку може да се купи, мелничари велат дека има брашно
Во меѓувреме пак во некои од маркетите во другите градови низ земјава, може да се забележат известувања со ограничувања на количините брашно или шеќер кои може да се купат. Па така во еден од локалните продавници пишува дека не може да се купат повеќе од 2 килограми шеќер или брашно.
Повеќе на:PCE










