Чешко-германската декларација е одличен пример како со политичка волја може да се решат наследените трауми. Таа го отфрла решавањето на старите грешки со нови грешки. Пишува Љупчо Поповски.

Сите среќни соседи имаат разбирање и за најголемите разлики. Сите несреќни соседи не можат да се разберат дури и околу она за што се согласуваат.

Оваа парафраза на оригиналот на Толстој може да се употреби за многу случаи. И сигурно и за оваа несреќна замрзната состојба во македонско-бугарските односи, ужасната недоверба што владее меѓу двата народи, потпалувањето на заблудите, уцените и „гранитниот став“ од страна на политичарите. Не изгледа парадоксално, туку целосно бесмислено, земјата која 30 години се фали дека прва ја признала независноста на Македонија да биде громовникот кој ќе го спречува нејзиниот европски напредок. И нејзините наводни вистини од историјата да ги претставува како заповеди исклесани во камен.

Дали е тоа балкански синдром за покажување кој е поисториски, поголем и позначаен? Можеби, но тоа не е само овдешен рецепт. Во сегашнава исклучително напната ситуација околу Украина некои членки на НАТО директно воено го помагаат Киев. Други ја поддржуваат политиката на Алијансата, но јавно остануваат воздржани од испраќање оружје. Има една земја која сака драмата во која се наоѓа Украина да ја искористи за исполнување на своја цел. Таа земја е Унгарија.

Односите меѓу Будимпешта и Киев драматично се влошија во 2017 година откако украинскиот парламент го усвои законот со кој украинскиот јазик е задолжителен во училиштата од петто одделение. Овој закон предизвика гнев во Унгарија затоа што за владата на Виктор Орбан една од главните задачи е да се грижи за Унгарците во соседните земји. Во 44-милионската Украина унгарското малцинство брои 156 илјади луѓе, или 0,3 отсто. Тие се населени во Заткарпатието, чиј дел некогаш беше во состав на Австро-Унгарија, по 1918 дел од Чехословачка, а по 1945 Сталин ѝ го одзеде и го додаде на Украина.

Повеќе на:dw.com