Вака две жени во бели мантили од Општата болница во Велес ѝ ја соопштиле тажната вест на Валентина К. Три дена пред тоа, на 7 ноември 1991 година, таа родила здраво женско бебе. Оттогаш, Валентина трага по нејзиното дете, затоа што верува дека е живо и дека ѝ е – украдено.

Причините поради кои се сомнева е тоа што ниту во болницата, ниту во Управата за водење матични книги, според нејзиното тврдење, не постојат документи за починато бебе на тој ден. Сите обиди да ја дознае вистината со помош на полицијата, во Институтот за судска медицина во Скопје и Државниот архив завршиле безуспешно, сведочи очајната мајка.

Од Управата за водење матични книги ни потврдија дека бебето за кое се зборува Валентина се води како живо, има тековен број, само што е без име и презиме. Оттаму велат дека може да се случи починато бебе да фигурира како живо, а да е починато, ако смртта не е пријавена од родител, кој има обврска тоа да го стори.

Велешанката верува дека нејзиното девојче е живо, со променет идентитет и датум на раѓање, па затоа неодамна оставила нејзин примерок на ДНК во американска генеалошка платформа која се занимава со утврдување на потекло на лица. Доколку нејзината ќерка е навистина жива и направи ист таков тест во истата база, резултатите може да се совпаднат и тридецениската потрага успешно да заврши.

Испратена дома со бел лист, без печат и потпис

Валентина никогаш не поверувала дека детето ѝ е починато. Единствениот „документ“ со кој од болницата ја испратиле дома без ќерката бил еден речиси бел лист хартија, без печат и потпис, на кој со машина за пишување, со избледени и тешко препознатливи букви е напишано дека бебето починало, тврди Валентина.

– Нема прецизни податоци за причините или барем времето кога настапила смртта. Единствено е наведена докторката, иако ниту името ниту презимето се читливи. Само во три-четири реда пишува дека детето умрело. Освен тоа, нема печат од здравствената установа и нема потпис од друго стручно лице – вели Валентина.

Во болницата, во првите три дена по породувањето пред да ѝ соопштат дека ќерката ѝ е мртва, не ѝ било овозможено да ја види, ниту да ја дои, зашто, како што ѝ рекле, наводно била во инкубатор, раскажува Валентина за „Слободен печат“.

– Педијатрите ми рекоа дека бебето е родено без аномалии, дека одлично напредува и дека е најздраво бебе во болницата, но не ми дозволија да го видам ниту во инкубатор. Немав никого да ме поддржи, бидејќи сама отидов да се породам и не знаев што да очекувам. Сè беше нормално при породувањето, ќерка ми заплака како и секое нормално бебе, ми рекоа дека тежи еден килограм и 900 грама. Три дена наводно била во инкубатор и на 10 ноември вечерта дојдоа докторка и една од сестрите да ми кажат дека моето дете умрело. Не е можно, реков – се потсетува на тој траорен ден Валентина.

Таа е децидна дека од болницата во тие неколку дена не ѝ дозволиле да ја види својата рожба, а ѝ било сомнително тоа што ја храбреле дека ќе си роди друго дете, зашто е млада и дека веќе нема потреба да лежи во болницата.

– Само им кажав дека сакам да си го видам детето, живо или мртво. Не ми дозволија, ми дадоа некое апче од кое бев како дрогирана – ни кажува низ солзи Валентина.

Според нејзините зборови, не ѝ дале ниту да го погребе бебето, со образложение дека телото е испратено на Институтот за судска медицина во Скопје. Од Институтот, пак, како што тврди Валентина, писмено ја известиле дека „бебе починато на тој датум во велешката болница не било донесено на обдукција“.

По 40 дена од породувањето добила и документ дека ќерката треба да ја носи на контрола. Подоцна ѝ објасниле дека не им било јавено оти детето е починато.

Валентина родила уште три деца, но раната не зараснува

Со документите со кои располагала, Валентина го пријавила случајот во полиција, но истрагата не дала резултати. Кога несреќната мајка побарала документ за смртта на ќерка си, случајот уште повеќе почнал да се заплеткува: во Управата за водење матични книги ѝ рекле дека бебето се води како да е живо!

– Моето бебе се води како живо од матичната служба, зашто нема умреница. Откако ми го кажаа ова, тогаш им реков – дајте ми извод од родените. Поднесов барање, но ми одговорија да почекам, и дека не можат да ми дадат извод, бидејќи тековниот број на мојата ќерка е пополнет и дури наредниот ден ќе го испразнат. Кофа со вода ли е тоа, да се полни па да се празни? – се чуди и ден-денес Валентина како наредниот ден веднаш го испразниле тековниот број на ќерка ѝ.

Таа тврди дека на украдените деца може да им се промени годината на раѓање и идентитетот. По некое време, мајката повторно се обратила до велешката болница, од каде што ја упатиле документите да ги бара во Државниот архив во Велес.

– Се обратив и до Архивот, на што писмено ми одговорија дека велешката болница за 1991 година нема доставено никакви документи кај нив – ја раскажува својата епопеја Валентина.

Валентина родила уште три деца, но раната од пред 30 години не зараснува.

– Се надевам дека, кога-тогаш, ќе ја најдам ќерка ми. Не се откажувам. Длабоко во срцето чувствувам и знам дека детето ми е живо – вели Валентина.

Не секој родител пријавува смрт на новороденче

Болниците по секое раѓање на бебе доставуваат пријава, со податоци од мајката и таткото доколку се работи за брачно бебе, велат од Управата за водење матични книги (УВМК).

„Мајката ги кажува податоците и таа пријава се поднесува во рок од 24 часа. Во случај бебето да било живо по раѓањето, ден, два три, независно од времето, тоа бебе се води како живородено. Ако починало, болница издава потврда за смрт, која им ја дава на родителите, кои треба да ја достават до УВМК, зашто се работи за бебе кое нема име и презиме,“ велат од Управата.

Сепак, оттаму неофицијално ни тврдат дека некои родители не ја даваат потврдата за смрт на бебето, од траума или од други причини, па може да се случи починато бебе да се води како живо само затоа што родителот не доставил документ до управата.

Sloboden pecat