Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, во Брисел изјави дека започнале техничките работи околу набавувањето на авионот Ф-16 од Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар одговори на прашањата на новинарите во Брисел по состанокот со министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.
Во таа прилика беше прашан и за набавувањето на авионот Ф-16 од САД.
„Нашата должност е да ги заштитиме нашите 84 милиони жители, нашата земја од 780.000 квадратни километри, како и нашите права и закон во тие рамки. Како? Ние ќе го направиме тоа со нашата војска. Што значи војска? Персонал и опрема. Ќе пробаме да го исполниме тоа. Значи, се обидуваме да ја опремиме нашата војска на најдобар можен начин“, рече Акар.
Тој наведе дека под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, процентот на домашното производство во одбранбената индустрија на земјата се приближил до 80 проценти.
„Во можност сме да задоволиме многу наши потреби со домашното производство. Освен тоа, имаме и други потреби кои исто така мора да ги задоволиме. Во таа смисла, мора да ги обновиме Ф-16 што ги имаме. Започнаа техничките работи околу набавувањето на Блок 70 Вајпер Ф-16 од нашите сојузници и пријатели САД, но исто така и модернизацијата на некои авиони што веќе ги имаме. Го следиме процесот. Зајакнувањето на Турција значи и зајакнување на одбраната на НАТО“, рече Акар.
Тој потсети дека во седиштето на НАТО се состанал со грчкиот министер за одбрана, Николас Панагиотопулос.
„Имавме само позитивен и конструктивен состанок со грчкиот министер за одбрана. Очекуваме дека во наредниот период ќе видиме позитивни резултати од овој состанок“, оцени Акар.
Тој го спомена и договорот помеѓу Грција и Франција и порача дека „покрај фактот што сме во внатрешноста на НАТО, барањето на други сојузништва му штети на НАТО, на билатералните односи и ја ослабнува довербата“.
Зборувајќи за нападите на терористичката организација ПКК/ЈКГ на северот на Сирија, што се случија неодамна, министерот Акар кажа дека внимателно ги следат случувањата. „Кога ќе дојде време, ќе се направи тоа што е потребно. Што и да е потребно за нашите права и интереси, ќе биде направено под водство на нашиот претседател, како што и досега било направено“, рече Акар.
Anadolu Agency









