КАБУЛ (АА) – Д-р Мухамед Емин Шерифи, одговорен на Одделот за неисхранетост во Детската болница „Индира Ганди“ во Кабул, главниот град на Авганистан, рече дека поради сиромаштијата, децата во Авганистан не можат да се хранат соодветно, поради што се соочени со смрт поради гладот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Авганистан некои семејства не можат да најдат храна за да ги нахранат своите деца, некои деца, пак, се хоспитализирани поради неисхранетост.
Д-р Шерифи за АА го оцени влијанието на економската криза и сиромаштијата во земјата врз децата.
Истакнувајќи дека десетици деца се лекуваат во болницата поради болести предизвикани од неисхранетост, Шерифи рече: „Причината за ова е лошата финансиска состојба на луѓето. Родителите не можат да се грижат за своите деца, не можат да ги хранат здраво.“

Шерифи наведе дека децата страдаат од дијареа и слични заболувања затоа што не добиваат доволно протеини. „Гладот и неисхранетоста кај децата предизвикуваат замор, а тоа пак предизвикува темна боја околу очите на децата“, додаде тој.
Посочувајќи дека поради политичката нестабилност во земјата, оние што работат во владини институции не можат да земат плата околу четири месеци, Шерифи рече: „Со доаѓањето на зимата ќе се намножат и болестите. Луѓето не можат да земат плати, невработеноста и сиромаштијата се на највисоко ниво. Состојбата на децата е во опасност. Бараме од меѓународната заедница да му помогне на авганистанскиот народ.“
– „Моите деца немаат храна за денеска“ –
Во Авганистан настанатата суша дополнително ја зголеми сиромаштијата во руралните области.
Во селото Будхак, 5 километри од Кабул, некои семејства се борат да најдат леб за своите деца.
Фелваша Фериба, 25-годишна мајка која живее со своите пет деца во куќа од ќерпич, рече дека нема храна за своите деца.
„Живееме во оваа куќа од ќерпич. Нема струја, нема вода. Има невработеност. Немаме храна. Моите деца немаат зимска облека. Моите деца плачат бидејќи немаме што да јадеме и немаме што да облечеме“, раскажува мајката Фериба.
Таткото Гулам Хасан, вели дека работи на дневна основа, и дека ако еден ден има работа, десет дена нема.
Може да се забележи дека кујната и бањата се во неупотреблива состојба, и дека во куќата ги нема основните потреби како брашно, шеќер и масло.
Фериба, нагласувајќи ги тешкотиите со кои се соочуваат нејзините деца, рече:
„Денеска моите деца немаат храна. Немаме храна ниту за утре. Немаме ништо за зимата. Ниту шпорет, ниту дрва, ниту јаглен. Ако моите деца се разболат зимава, немаме пари да ги однесеме на лекар. Загрижена сум за иднината на моите деца, многу сум тажна.“

Проблемот со инфраструктурата во Авганистан е очигледен и во селото Будхак. Низ улиците на селото тече отпадна вода, која може да предизвика болести. Децата си играат на улиците каде што тече валкана вода.
Зермине Арселехан (35), која е повредена во левата рака на 15-годишна возраст како резултат на ракета исфрлена кон селото за време на Граѓанската војна, рече дека нејзиниот сопруг починал во бомбашки напад во Кабул пред три години. Таа вели дека сега се бори за живот со своите четири ќерки.
– „Наутро не јадевме ништо“ –
Наведувајќи дека нејзината најстара ќерка има 14 години, Арселехан рече: „По смртта на мојот сопруг, немаше кој да се грижи за нашето семејство. Живееме во една соба. Немам приход за плаќање на киријата. Ни ја исклучија струјата бидејќи не можевме да платиме.“
„Не јадевме ништо утрово. Имам компири за вечер, ќе ги сварам и ќе ги нахранам моите деца. Не можам да готвам јадење затоа што немаме масло.“
Муктарот на селото, Аб Гани, истакна дека во селото живеат 300 семејства, а околу половина од нив страдаат од недостиг на храна.

Гани вели дека за време на Граѓанската војна во земјата селото се нашло среде судири меѓу спротивставените групи, и дека многу куќи се уништени од бомбите за време на судирите.
Истакнувајќи дека покрај десетици загинати и повредени, повеќе од 20 луѓе ги изгубиле рацете или нозете во тие денови, Гани побара помош за сиромашните семејства во нивните села.
Војната со Советскиот Сојуз, кој се обиде да го окупира Авганистан во 1979 година, траеше околу 10 години. Авганистанските групи кои се бореа против руските сили, до 1996 година се бореа меѓу себе за моќ. Поради Граѓанската војна во земјата се зголемија безбедносните и социјалните проблеми во земјата. Тоа го отвори патот за доминација на талибанците.
Американската инвазија на Авганистан во 2001 година стави крај на владеењето на талибанците, но ги зголеми нестабилноста и конфликтите во земјата. Војните и политичката нестабилност, кои траеја околу 42 години, доведоа до економски и социјален пад на авганистанскиот народ.
Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), во понеделникот рече: „Хуманитарната и социоекономската ситуација во Авганистан е пред колапс. Според Норвешкиот совет за бегалци, ако не добијат соодветна помош, најмалку 1 милион деца се изложени на ризик да умрат од студ и глад оваа зима. Не можеме да чекаме. Треба да дејствуваме брзо.“
„Anadolu Agency“










