Според претставката поднесена од Европскиот Центар за Правата на Ромите од Брисел, изјавата на Мерко со закани и најавена депортација на луѓе кои питачат на подрачјето на Струга е дискриминаторска и согласно Законот за локална самоуправа, градоначалникот нема овластувања да депортира и протерува граѓани, извести КСЗД на социјалната мрежа Facebook.

КСЗД побара одговор од страна на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко по претставката, на што тој одговори дека во неговата изјава нема дискриминација, а пораката за депортација според него е упатена до МВР, како орган надлежен за легитимирање и движење на лицата кои се дојдени во градот да питачат. Тој, во одговорот на претставката исто така се извини до сите страни кои се препознале во неговата изјава.

Комисијата утврди вознемирување поради упатената изјава на градоначалник, за депортирање на граѓани со социјален статус: ,,питачи”, ,,собирачи на железо” и  ,,досадни”. Имајќи во предвид дека функцијата градоначалник е јавна функција, неговите изјави имаат допир до голем број граѓани, вклучувајќи и граѓани кои се препознаат во намерата на градоначалникот што предизвикува дополнителна тежина на  вознемиреност.

На градоначалникот Мерко му се препорачува да се извини во јавноста до граѓаните со наведениот социјален статус „питачи“ и „собирачи на железо“ во најмалку 3 јавни медиуми.