Обединетите Арапски Емирати усвоија измени и дополнувања што можат да и дозволат на оваа Заливска земја да им додели државјанство на инвеститори и други професионалци, инжинери, новинари,вклучително и научници, лекари и нивните семејства, соопшти денес владата.

– Владата на ОАЕ, локалните емири, судовите и извршните совети ќе ги номинираат оние кои ги исполнуваат условите за државјанство според јасни критериуми утврдени за секоја категорија – изјави емирот од Дубаи и потпретседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум. „Законот им овозможува на примателите на пасоши на ОАЕ да го задржат постојното државјанство“, додаде шеикот Мохамед, пренесува Ројтерс.

Нејасно е дали носителите на нови пасоши ќе имаат корист од системот за јавна заштита. ОАЕ троши милијарди долари секоја година на бесплатно образование, здравствена заштита, станбени заеми и грантови за своите 1,4 милиони граѓани.

Странците во ОАЕ обично имаат обновливи визи кои важат само неколку години и се поврзани со вработување. Владата неодамна ја направи својата визна политика пофлексибилна, нудејќи подолги престој за инвеститори, студенти и професионалци. Минатата година, владата го прошири својот „златен“ визен систем – кој дава десет години престој во ОАЕ – на одредени професионалци, носители на дипломи и други.

(Вијести.ба / ФЕНА)