БИХАЌ (АА) – Сложената политичка структура во Босна и Херцеговина донесена со Дејтонскиот мировен договор, со кој се стави крај на војната во земјата од 1992-1995 година, во последниот период негативно влијае на нерегуларните мигранти кои од неодамна се блокирани во оваа балканска земја.
Мигрантската криза во Босна и Херцеговина, која се состои од два ентитета, 10 кантони и 1 автономен регион, трае веќе три години, а ситуацијата веќе достигна неподносливо ниво.
Унско-санскиот кантон близу хрватската граница и понатаму е регион со најголема концентрација на мигранти заради неговата близина до границата. Откако Владата на кантонот минатата недела објави дека повеќе нема да прифаќа мигранти, мерките за безбедност во регионот се зголемени.
Мустафа Ружниќ, премиерот на Унско-санскиот кантон во Босна и Херцеговина, во разговор за Агенција Анадолија (АА) рече дека ситуацијата по неодамна воведените мерки со цел управување со мигрантската криза во кантонот се подобрува. Меѓутоа, тој исто така предупреди дека е крајно време државата да почне да управува со мигрантската криза на целата територија на БиХ, затоа што, како што рече, инаку ќе биде предоцна.
Ружниќ ги пофали припадниците на Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон, кои на терен спроведуваат нови мерки. Како што рече, ги спроведувале и во претходните три години. Истакна дека и покрај бројните проблеми тие успеваат да ја држат безбедносната состојба под контрола на подрачјето на тој кантон.
„Овој пат, по техничката подготовка, подготовка на кадрите, воспоставување пунктови и сето тоа, успеавме да ги затвориме приодите и влезот во кантонот. Значи дека тој неконтролиран прилив на мигранти на подрачјето на кантонот едноставно да го запреме, бидејќи се случува и се има случено огромен број мигранти, надвор од сите можни капацитети за сместување, да дојдат во кантонот. Над сето тоа и Ковид, појавата на вирусот кај мигрантите, неконтролата во центрите од каде тие излегуваат и бегаат заразени. Сето тоа доведе да мораме да одиме во насока на донеување на овие мерки“, објаснува Ружниќ.

Истакнува дека преку сите мерки што ги вовеле, ќе се настојува да се овозможи дел од мигрантите да го напуштат Унско-санскиот кантон за граѓаните да можат „да дишат“.
„Доколку се водеше сметка лесно ќе беше да се раководи со оваа криза на начин што според сместувачките капацитети што ги имаме во кантонот, ќе ги испраќавме вишокот мигранти што ќе се создадеше во Сараево и некои други центри до Унско-санскиот кантон, и сè ќе беше во ред. Но, овде ситуацијата е следна. Мигрантите доаѓаат во Унско-санскиот кантон без никаква контрола од источната граница. Видовме јавни признанија од високи функционери на оваа земја, пред сè членот на Претседателството на БиХ од Република Српска, кој рече дека тие ќе продолжат организирано да ги носат мигрантите во кантонот. Потоа блокадата на центрите“, вели Ружниќ и додава:
„Не можеме едноставно да им дозволиме така слободно да шетаат низ нашите градови, затоа што тогаш доаѓа до разни злоупотреби, размена на картички, продажба, влегуваат други, се преместуваат… Направени се сите можни злоупотреби кога станува збор за тој дел и управувањето со тие центри. Никогаш, кога станува збор за Бира, Мирал, не е воспоставен куќен ред, не може да се воспостави координација за управување на релацијата државно ниво, ИОМ и УНХЦР. Тоа се приватни објекти, државата не може да управува со тоа“.
Ружниќ вели дека по воведувањето на новите мерки состојбата е подобра.
„Се чувствува влијанието на овие мерки. Реагирањето на полицијата, кантоналната трудова инспекција. Значи нема превоз, и се чувствува дека присуството на мигрантите е помало и полесно. Што ја прелева секоја чаша? Ова е трета година. Граѓаните се свесни дека во 2015 година беше објавен мигрантски бран за БиХ. Имавме три години да се подготвиме кадровски, да ја зајакнеме граничната полиција и државната служба за работа со странци, службата за азил, да подготвиме сместувачки капацитети. Ништо не е направено. Потоа имаме три години мигрантски бран, 2018, 2019 и 2020 година. Ништо не е направено по тоа прашање. Сега граѓаните се свесни дека тоа нема да запре утре, дека ова ќе трае неколку години, дека секоја година се зголемува доаѓањето на мигрантите, имавме 24.000 во 2018 година, 49.000 во 2019 година, скоро 30 000 дојдоа во кантонот во овој период. Значи следната година ќе има 70.000 … Тој број се зголемува, а институциите во кои владее една криза не се презема ништо. Граѓаните се свесни дека доаѓа [време] кога ќе има повеќе, ќе биде потешко и уште полошо, уништувањето на економијата, туризмот, уништувањето на имотот и сè што е свето за овие граѓани и, пред сè, тие права. Луѓето едноставно не можат да одат никаде. Дури ни со децата нешто да се организира, не можете да ја оставите вашата куќа. Зошто? Мора секогаш да ја чувате затоа што минуваат мигранти, влегуваат во куќите. Граѓаните рекоа доста е. Ние мора да се грижиме за себе и да го чуваме нашиот имот, затоа што надлежните институции не го преземаат она што е потребно“, порачува Ружниќ.
Објаснува дека работите се одвиваат многу бавно. Еден член на Претседателството на БиХ вели дека ќе продолжи да носи мигранти, а другите на тоа реагираат благо.
„Она што го знам со сигурност е доколку не се преземе нешто од страна на Претседателството, Советот на министри, надлежните институции кога станува збор за управување со мигрантската криза, ќе биде предоцна за сите. Навистина е крајно време сериозно да ја сфатиме ситуацијата и крајно време е државата да започне со управување со мигрантската криза на целата територија.“
Непосредно пред разговорот со премиерот на Унско-санскиот кантон, екипата на Агенција Анадолија (АА) го посети контролниот пункт во Босанска Крупа на ентитетската линија помеѓу Федерацијата БиХ и Република Српска. Со оглед на тоа што сите превозници се запознати со новите мерки воведени од властите на Унско-санскиот кантон, не постои организиран превоз на мигрантите. Сепак, сè уште има изолирани случаи на обиди за влез на мигрантите во кантонот, а полицајците стационирани во областа се обидуваат да ги спречат во тоа.
Што се однесува до главните патишта што водат кон кантонот, како што ни потврди Ружниќ, и како што видовме и самите, тие се добро покриени со полициски патроли. Сепак, мигрантите не се откажуваат толку лесно и се обидуваат да стигнат до границата на БиХ со Хрватска преку споредни патишта
Ружниќ, исто така, рече дека ситуацијата во Велика Кладуша се смирила и дека граѓаните не најавиле нови протести. Сепак, голем протест на граѓаните од сите поголеми градови во Краина е закажан за 29 август во Бихаќ.
Anadolu










