Претставници на угостителскиот и туристичкиот сектор повторно седнаа на заедничка маса со министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за финансии, Крешник Бектеши, за да ги надминат проблемите во туристичкиот сектор што настанаа како последица на коронавирусот. Тие заеднички ги појаснија дилемите појавени по објавувањето на Уредбата за помош на погодените претпријатија од кризата со ковид-19.
Како што нагласи министерката Ангеловска, на средбата се надминати дилемите и се одговорени сите прашања, со цел најпогодените сектори да имаат побрз и ефикасен период на закрепнување. Според неа, токму една од претставените уредби се однесува на компаниите од областа на угостителството, транспортот и туризмот, кои две години по ред (2018-2019) немале загуба, не се на листата должници на УЈП и не доцнеле со плаќање на обврските по однос на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста на обврската, имаат право истовремено да ги користат мерките за надомест на плата во висина од 14.500 денари по вработен и 50% субвенционирање на придонесите, во висина до просечна плата објавена за 2019 година.
-Вкупната финансиска помош за овие сектори ќе изнесува до 19.500 денари- посочи министерката по средбата.
Според Мартин Ангеловски од Групацијата на угостители во Туристичко-угостителската комора при ССК, добро е што на состанокот се дискутирани сите нови мерки, но она што изостанува е континуитет во информациите и дискусија со претставниците од секторот пред да се донесат мерки.
Тој смета дека во овие кризни времиња и носење на економски мерки за најпогодениот сектор угостителството, неопходно е консултациите и ваквите состаноци да се прават пред да се донесат мерките.
– По заклучокот од состанокот во Министерството за финансии пред три недели, доставивме мерки кои сметавме дека во голем дел ќе влијаат за ублажување на последиците од корона-кризата, за секторот кој со уредба од владата беше затворен, сè со цел превенција од вирусната инфекција. Дел од нашите предлози беа и јавно изнесени, би ги издвоил минимална бруто плата за вработените, можност за субвенција на закупнини во висина од 50 отсто од склучените договори, времено одложување на обврските за режиски трошоци и даночни одложувања. По однос на овие наши доставени барања, до денес сè уште нема официјален одговор, изјави Ангеловски, пренесувајќи го ставот на угостителите од сите градови во земјата.
Тој додаде дека со цел да се измери ефектот од кризата врз работењето, на членовите во Сојузот на стопански комори како и угостителите од сите градови, спроведено е истражување, кое ќе биде дополнително објавено, со особен акцент на два клучни параметри кои ја отсликуваат реалната состојба во секторот.
Секторот угостителство вработува повеќе од 29.000 граѓани, при што во Туристичко-угостителската комора на Македонија здружено делуваат претпријатија од сите градови во земјата кои ги застапуваат секторите туризам, угостителство и пропратни услужни дејности.
За претставникот на ХОТАМ, Крсте Блажевски, секторот е во криза и очекува што побрзо да се отворат хотелите, рестораните и другите угостителски објекти. Што се однесува за тоа што деновиве се зборувало за отпуштање на луѓе од секторот, тој посочува дека можеби имало такви случаи, но тоа се однесувало за сезонските работници, а не и за оние што се постојано вработени.
Директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски најави дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот подготвува маркетинг кампања „Дома си е дома“, со која ќе ги промовира македонските атракции, подзаборавени дестинации, рурални и селски средини…
– Неспорно е дека во 2020 година фокусот ќе ни биде на домашните туристи и доколку условите овозможат, на регионални гости – вели Јаневски и потсетува дека лани 40 отсто од туристите биле домашни. Тие оствариле 51 отсто од вкупните ноќевања, односно 1,6 милиони ноќевања.










