Поради намалената економска активност поради коронавирусот во буџетот за годинава ќе се направи дупка меѓу 700 милиони евра и 1,3 милијарди евра. Пари за пополнување на буџетската дупка ќе се обезбедуваат со задолжување од меѓународните институции. Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат институциите јавно да кажат каде ќе скратат од своите пари и препорачуваат забрзување на капиталните инвестиции да за да зголеми економската активност.
Економските ефекти од пандемијата на коронавирусот веќе на големо се чувствуваат, а влада проценува дека поради намалената економска активност во буџетот за годинава ќе се направи дупка меѓу 700 милиони евра и 1,3 милијарди евра. Парите ќе се обезбедуваат од задолжување во странство. Министерката за финансии, Нина Ангеловска, вели дека буџетските расходи ќе се реализираат целосно, но ќе се промени структурата, односно ќе има пренамена на парите меѓу буџетските корисници. Ќе има кратење на непродуктивни расходи, за да има пари онаму за што ќе требаат и за да има пари за реализација на економските мерки.
Според оптимистичкото сценарио на владата, се предвидува пад на приходите од 20 отсто, односно дефицит од 700 милиони евра, со неповолното сценарио, падот на приходите ќе биде 30 отсто, односно дупка од околу 1 милијарда евра, и според најнеповолното, доколку приходите паднат за 40 проценти, на државата ќе ѝ фалат 1,3 милијарди евра. Ефектите врз економијата во голема мера ќе зависат од тоа колку време ќе трае пандемијата на коронавирусот. Во сите три сценарија, се очекува најголемиот удар врз економијата да биде во второто тримесечје од годинава.
Субвенции помош и минимална плата
Министерката Ангеловска вели дека буџетот се полнел според планираното од почетокот на годината, до 20 март, но потоа почнал падот.
„Почнувајќи од 20 март, кога почнаа да се чувствуваат ефектите од здравствените мерки за спречување на ширење на коронавирусот, се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25 проценти во просек на дневно ниво. Ова доведе до вкупен пад на даночните приходи во март за 11 проценти во однос на претходната година, а тоа се должи генерално на падот на данокот на додадена вредност, пад на акцизите и падот на данок на добивка, а тука треба да се има и предвид дека имаше компании кои предвреме го уплатија својот данок на добивка“, вели Ангеловска.
Повеќе на: РСЕ










