Владата излезе со сет мерки за надминување на економската криза од коронавирусот, меѓу кои минимална плата за функционери, плати за оние кои изгубиле работа, поволности за фирмите. Економистите оценуваат дека се доцни со мерките.
Администрацијата нема да зема минимална плата, туку два месеца, 14 500 денари колку што изнесува таа, ќе земаат избраните и именуваните функционери меѓу кои претседателот, премиерот, градоначалниците, пратениците, одлучи владата на седница. Пакетот во кој има седумнаесет мерки го презентираше премиерот Оливер Спасовски.
„И јас и Владата сметаме дека ако треба да направиме солидаризирање тогаш ние тоа треба први да го направиме и сите до еден да ја покажеме солидарноста“, рече Спасовски.
Тој појасни дека минимална плата за април и мај ќе биде обезбедена и за спортските работниции, за самостојните уметници, како и придонесите на плата, а 50 отсто од висината на просечната плата ќе биде обезбедена за граѓаните кои останале без работа.
Се запира и Законот за извршување, а извршителите не ќе можат да преземат никави извршни дејствија. Предвидена е и финансиска помош за фирмите кои се погодени од кризата поради пандемијата на коронавирусот, па работодавачи од приватниот сектор ќе добиваат помош за исплата на работниците.
Задоцнети мерки?
Македонските власти каскаат со економските мерки зад другите балкански земји кои веќе ги претставија пакетите со кои треба да им се олесни на граѓаните и стопанството погодено од коронавирусот, сметаат некои економисти.
Пред десетина дена Хрватска донесе пакет мерки во вредност од 3,9 милијарди евра за да ѝ помогне на економијата погодена од епидемијата на коронавирус, словенечката Влада деновиве го донесе таканаречениот „Корона Закон”, со кој граѓаните и компаниите ќе добијат директна државна финансиска помош од три милијарди евра, Грција донесе мерки кои засегаат 81 отсто од вработените во приватниот сектор, а слично постапија и други земји од регионот.
Повеќе на РСЕ








