ИДЛИБ (АА) – Руските воени авиони вршат воздушни напади врз 18 цивилни населени места во рамките на Зоната за деескалација во Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Тоа го потврди опсерваторијата за авиони при опозицијата во земјата.

Според нив, руските авиони почнувајќи од утринските часови бомбардираат различни цивилни населени места во оваа зона, како подрачјата на Кефренбил, Кен Сафра, Ихсем, и селата Суфухун, Хазарин, Кефер Нубул, Кефер Увеид, Иниб, Бсенкул, Џузеф, Хас, Бара, Мархурме, Деир Сумбул и Бинин, кои се наоѓаат во јужниот дел на Идлиб, како и во подрачјето на Дарет Изе и селата Кефер Нуран и Џине, кои се наоѓаат во западното рурално подрачје на Алепо.

Според информациите добиени од изворите на Цивилната одбрана, во овие напади загинале 5 лица.

– Не се однесуваат во согласност со договорите од Астана и Сочи

Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата. Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.

На состанокот во Астана што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони, Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра). Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од четирите зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии.

Во септември 2018 година, кога силите на режимот ги интензивираа воените активности, Турција и Русија на 17 септември 2018 година во Сочи постигнаа дополнителен договор, со цел зацврстување на примирјето. Кус период владееше примирје, а силите на режимот во мај 2019 година започнаа копнена операција со цел потполно заземање на целиот регион. Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, на 10 мај 2019 година изјави дека поради зголемените напади од страна на режимските елементи јужно од Идлиб, вооружените притисоци започнати на 6 мај преминале во копнена операција.

Од тој период наваму, силите на режимот и неговите поддржувачи преку артилериски и воздушни напади ги зазедоа големите градови Кефренбуде, Хан Шејхун, Мараатинуман, Серакиб и голем број населени места во јужните и југоисточните предели на Идлиб, северните и источните рурални предели на Хама и јужните и западните рурални предели на Алепо.

Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција во Сочи досега, во нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили. Од јануари 2019 година, бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион 794 илјади.