АНКАРА (АА) – Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека започнувањето на прекуграничната операција во Идлиб од страна на Турција е само прашање на време, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Како и сите други претходни операции, велиме дека можеме ненадејно да дојдеме една ноќ. Со други зборови, операцијата во Идлиб е прашање на време“, изјави Ердоган на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развоја (АК Партија) во главниот град Анкара, осврнувајќи се на трите турски операции во северна Сирија од 2016 година.
„Средбите со руските власти за ставање крај на крвопролевањето во Идлиб не успеаја да дадат резултати“, рече Ердоган.
„Иако сите состаноци ќе продолжат, реалноста е дека сме многу далеку од она што го сакаме“, изјави тој.
„Турција ги направи сите подготовки за да ги спроведе своите планови за операцијата во Идлиб“, додаде Ердоган.
„Турција е одлучна да го претвори Идлиб во безбедно место по секоја цена, за доброто на Турција и на населението во регионот“, изјави турскиот претседател.
Веќе неколку години, Турција ја нагласуваше безбедноста на Сиријците на нејзината јужна граница, како од терористите што сакаат да формираат „терористички коридор“ во северна Сирија, така и од нападите на режимот на Асад, руските сили и силите поддржани од Иран.
Идлиб е најголемо упориште на сириската опозиција, каде што во моментот се наоѓаат речиси 4 милиони жители. Тоа е двојно поголема популација од онаа што ја имаше Идлиб пред почетокот на војната во Сирија.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона, како и регионите Хомс, Источна Гута и Дера Кунејтра.
Меѓутоа, режимските сили на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата. Стотици илјади цивили од тие региони побегнаа во Идлиб и тоа во регионите на самата сириско-турска граница.
Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите во Идлиб. Согласно договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб, а силите лојални на режимот на Асад набрзо продолжија со артилериските и воздушните напади во кои досега се убиени повеќе од 1.800 цивили.
Од јануари 2019 година од Идлиб во регионите на сириско-турската граница побегнаа повеќе од 1.677.000 цивили.









