Во авганистанската провинција Херат, сместена во западниот дел на земјата, беспилотно летало на силите на НАТО нападна возило во кое се наоѓале цивили. Во нападот животот го загубија 11 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).

Махди Хадид, вршител на должноста претседател на Совет на областа Херат, во изјавата дадена за медиумите рече дека беспилотно летало на НАТО-силите во подрачјето Кошк-Кухна нападнало возило во кое се наоѓале цивили.

Хадид информираше дека во нападот животот го загубија 11 цивили, од кои 8 се деца.

Џејлани Фархад, портпаролот на Гувернерството на Херат, информираше дека во нападот се убиени 3 талибански милитанти, додавајќи дека е започната истрага во врска со смртта на цивилите.

Али Џан, еден од оние што ги загубија своите најблиски во нападот, изјави: „Додека нашите роднини со возило се враќаа во својот дом, беа цел на напад на беспилотно летало. Во возилата немаше припадник на терористичка организација.“

На територијата на провинцијата Херат има воена база на НАТО во која служат американски војници.

– Минофрлачки напад: 1 загинат, 9 ранети

Од друга страна, во северниот дел на Авганистан, во центарот на провинцијата Кундуз талибанската страна изведе минофрлачки напад во кој една граната погоди куќа. Од експлозијата животот го загуби еден цивил, а 9 цивили се ранети.

Портпаролот на Гувернерството на Кундуз, Есматулах Муради, во изјавата за медиумите истакна дека талибанската страна го гранатирала центарот на Кундуз, при што со минофрлачка граната е погодена една куќа.

Муради соопшти дека во нападот животот го загубил еден цивил, а 9 цивили се повредени, меѓу кои има и деца.

Талибанската страна засега не даде какво било соопштение во врска со настанот.