СКОПЈЕ (АА) – Вицепремиерот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа тематски прес-брифинг за сесијата и заклучоците на Венецијанската комисија поврзани со Законот за употреба на јазиците, истакнувајќи дека со последното дефинирање на овој закон се постигна баланс во македонско-албанските односи во државата и дека секое еднонасочно поместување во тој баланс ќе отвори магичен круг и спирала која комплетно ќе нѐ помести од патот по којшто сме тргнале, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Вицепремиерот Османи на брифингот информираше дека во Венеција присуствувал на пленарната сесија на Венецијанската комисија, на која една од точките била разгледување на Законот за употреба на јазиците. Османи потсети дека Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа во кое учествуваат независни претставници од 60-ина земји, од кои 47 од Советот на Европа и други 13 земји од светот.

Османи во своето обраќање пред новинарите потсети дека Законот за јазици произлегува од Рамковниот договор, за кој рече дека бил преточен во уставни амандмани во 2001 година, поточно од член 7 параграф 5 од Уставот којшто вели дека во органите на државната управа, употребата на службените јазици различни од македонскиот ќе се уредува со закон, со што Уставот дава право на законодавстото да го уреди прашањето на службениот јазик, односно албанскиот јазик во органите на државната управа.

Објаснувајќи како Законот за јазици дошол до Венецијанската комисија, Османи рече дека „овој закон требаше да се донесе веднаш по донесувањето на уставните амандмани некаде во 2001 година, но некако не можеше да се најде согласност во однос на интерпретирањето на членот 7 на Уставот, односно на параграфот 5, сѐ до 2017 година кога претставниците на македонската етничка заедница и претставниците на албанската етничка заедница успеаја да најдат компромис како да се заврши и последното легислативно прашање од Рамковниот договор“.

„Меѓутоа, пред усвојувањето на Законот во Влада се појави дилема помеѓу коалиционите партнери, во однос на членот 8 од Предлог-законот, а членот 8 предвидуваше, покрај другото, и употреба на двојазичност на банкнотите и на униформите на војската. Имаше различни ставови, експертски и политички, во однос на тоа дали можеби се надминуваат некакви европски стандарди, или дали се надминува уставната рамка“, рече Османи.

Додаде дека по предлог на претставници на Европската комисија кои помагале во дефинирањето на Законот, било одлучено овие спорни одредби од член 8 да не се ставаат во Законот, а тој да да се донесе во Владата и Собранието и да се објави во Службен весник.

Расправата траеше вкупно 18 месеци откога Законот беше предложен во Владата до усвојувањето и објавувањето во Службен весник.

Османи информираше и дека претставници на Венецијанската комисија во септември оваа година во еднодневна посета на Скопје се сретнале со различни чинители и го објавиле прелиминариот извештај.

„За овие одредби од членот 8 од Законот, Венецијанската комисија одговори позитивно, со тоа што сега се отвори дебатата што понатаму кога веќе се разјасни ова прашање, дали ќе ги вметнеме сега во Законот овие две одредби кои тогаш ги тргнавме“, рече Османи.

Тој рече дека имало одредени забелешки во однос на процедурата на донесувањето на Законот за јазици, односно за тоа дека е употребена скратена постапка, за што, како што рече, аргументирал дека не е употребена скратена постапка, истакнувајќи дека причината зошто Законот бил со европско знаменце е затоа што „ова е закон од Охридскиот рамковен договор што е основен предуслов за нашата европска интеграција“.

„Сметам дека најважниот принцип на Охридскиот рамковен договор и на овој закон не е само регулирањето на правата на заедниците за употреба на јазикот, туку со овој закон се постигна балансот на односите помеѓу етничките заедници, баланс којшто не можеше со децении да се постигне во македонско-албанските односи во Република Северна Македонија. Со последното дефинирање на овој закон се постигна тој баланс на македонско-албанските односи овде во државата и со тоа ние прогласивме затворање на легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор“, истакна Османи и додаде:

„Секој обид за еднострано поместување на балансот во македонско-албанските односи којшто е постигнат со многу труд, со многу жртва од двете страни за денес да зборуваме за функцонална, мултиетничка демократска држава, ќе отвори магичен круг и спирала која комплетно ќе нѐ помести од патот по којшто сме тргнале.“

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со забелешките на Венецијанската комисија, вицепремиерот задолжен за европски прашања рече дека Законот за јазици е „компромисното решение што е постигнато, балансот постигнат во односите и треба како Влада и држава да направиме акциски планови со цел да ја олесниме имплементацијата“.

„Сите забелешки на Венецијанската комисија да ги имплементираме во акциските планови и во создавањето капацитети. Тоа е ставот кој денеска го споделувам и сметам дека тоа е најдоброто решение“, одговори Османи.

Коментирајќи ги одлуките на Венецијанската комисија, Османи истакна „колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава“.

„Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата; притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судството. Во однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венецијанската комисија“, рече Османи.


AA / Dubai-Portal