АНКАРА (АА) – Авионот испратен од Турција со возила за пребарување и спасување слета во Албанија за да ја пружи потребната помош по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).

Транспортниот авион од типот А400М на Турските вооружени сили (ТСК), подготвен со координација на Управата за вонредни ситуации во Турција (АФАД) слета на Меѓународниот аеродром во Тирана.

Авионот транспортира три возила за пребарување на АФАД и 27 лица за пребарување и спасување од Националниот тим за медицински спасувачи (УМКЕ) и Турската Црвена полумесечина.

По слетувањето, турските тимови веднаш се упатија кон Драч за да се приклучат на активностите за пребарување и спасување.

Денес, Албанија беше погодена од два силни земјотреси, со епицентар во Драч во 3:55 часот со јачина од 6,3 степени на длабочина од 10 километри и подоцна со јачина од 5 степени кај ’Ртот Родон.

Бројот на жртвите од земјотресот што ја погоди Албанија денес, според институциите на земјата, достигна 21, додека повеќе од 600 лица се повредени.