Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, францускиот шеф на дипломатијата, Жан-Ив Ле Дриан, германскиот шеф на дипломатијата, Хаико Мас и британскиот шеф на дипломатијата, Џереми Хант, дадоа заедничко соопштение во врска со одлуката на Иран да прекине дел од своите обврски во рамките на иранскиот Договор за нуклеарната програма, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се истакнува дека со голема загриженост е примена изјавата на иранското раководство дека делумно ќе ги прекине своите обврски кон овој договор.
Во продолжение се наведува дека страните се одлучни да се сочува Договорот за нуклеарната програма и во целост да се спроведе, додавајќи „Го повикуваме Иран, како и досега, да продолжи да ја извршува својата обврска кон Договорот за нуклеарната програма и да се воздржи од ескалација на тензиите.“
„Отфрламе секој вид на ултиматум и ќе спроведеме проценка во рамките на Договорот за спречување на ширењето на нуклеарно оружје и Договорот за нуклеарната програма, доколку Иран не ги исполни своите одговорности“, се наведува во соопштението.
Се додава дека со жалење ја примиле веста за повторните санкции на САД кон Иран, подвлекувајќи дека се одлучни да продолжат со активностите за изнаоѓање правни патишта за трговија со Иран.
– Одлуката на Иран –
Џевад Зариф, шефот на иранската дипломатија, веднаш откако Соединетите Американски Држави (САД) објавија дека донеле одлука за санкции врз Иран, соопшти дека неговата земја одлучила делумно да прекине дел од своите обврски во рамките на Договорот на нуклеарната програма.
„Одлуката за прекинување на нашите обврски за точките 26. и 36. од Договорот за нуклеарната програма се поврзани со одлуката на САД донесена на 4 мај за нови санкции. Со новите санкции, невозможно е реализирање на овие точки. Американците не му пристапија конструктивно на иранскиот Договор за нуклеарната програма и сосема е јасно дека ќе продолжат со таквиот став“, истакна Зариф во својата изјава.
По овие изјави, американскиот претседател Доналд Трамп, го потпиша претседателскиот декрет со кој се воведуваат санкции кон Иран во секторите на железо, челик, бакар и алуминиум.











