Ердоган: „Турција никогаш нема да им сврти грб на Палестинците”

0
177

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Истанбул ги прими арапските пратеници во израелскиот Парламент, а по состанокот порача дека неговата земја никогаш нема да им сврти грб на Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).

Според информациите до кои дојде новинар на АА од извор близок на Кабинетот на турскиот претседател, Ердоган за време на состанокот порачал дека Турција ги користи сите можности со кои располага за да се стави крај на окупацијата на Палестина и да се воспостави мир и благосостојба.

„Турција не им сврте грб и никогаш нема да го направи тоа на палестинскиот народ и на решавањето на палестинското прашање. Со нашите браќа ќе продолжиме да се бориме и ќе ги користиме сите можности“, изјави Ердоган.

Во обраќањето кон парламентарците Ердоган се заблагодари што во израелскиот Парламент ја претставуваат волјата на палестинскиот народ и ги повика да продолжат да дејствуваат во единство и заедништво.

Тој се осврна и на Законот кој на средината на јули минатата година беше усвоен во израелскиот Парламент, а кој Израел го дефинира како еврејска држава-нација.

„Наводниот Закон за еврејска држава-нација, кој е усвоен во израелскиот Парламент, јасно и несомнено ги негира правата на палестинските граѓани на Израел“, порача Ердоган.

Освен Ердоган, на состанокот присуствуваа и портпаролот на Кабинетот на турското претседателство, Ибрахим Калин и шефот на Одделот за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун.