Муслиманите и евреите во Белгија покажуваат сѐ поголемо незадоволство поради забраната за колење животни според верските прописи, која во Фламанскиот Регион на сила стапи на почетокот на годината, пишува Anadolu Agency (AA).
Евреите и муслиманите сочинуваат околу 6 отсто од целокупното население во Белгија. Тие сметаат дека со одлуката со која се забранува колење на животните без претходно успивање или зашеметување, се ограничуваат верските слободи и дека тоа е израз на непочитување кон тие заедници.
Колењето на животните, според верувањата во исламот и јудаизмот, треба да биде извршено според посебни правила за тоа да биде халал, односно кошер. Во спротивност со тоа, поддржувачите на оваа одлука, меѓу кои поголемиот дел се десничари и борци за правата на животните, тврдат дека животните патат или се кршат нивните права доколку не се успиени или зашеметени пред колењето.
Забраната за колење животни без претходно успивање на сила стапи и во Шведска, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Данска и Словенија. Од друга страна, во Франција, Германија, Австрија, Холандија, Грција, Шпанија, Естонија, Финска и Полска е дозволено да се усмртат животните во согласност со верските прописи.
Одлуката со која се забранува колењето на животните без претходно успивање е усвоена минатата година, а од почетокот на оваа година се применува за ситна стока.
Одлуката, поради недоволна техничка инфраструктура нема да може да се применува за крупната стока. Кога ќе бидат исполнети потребните услови, ќе се однесува и на крупната стока.

Минатата година се интензивирани несогласувањата во мислењата кога станува збор за колење на животните по халал прописите. Комисијата за околината на Парламентот на Валонија, во која живее поголем дел франкофонско население, усвои нацрт со кој се забранува ваков начин на усмртување на животите. Слична одлука набргу потоа усвои и Парламентот на Фламанскиот Регион.
Забраната во Валонија би требало да започне да се применува од 1 септември 2019 година.
Припадниците на муслиманските и еврејските заедници се обратија и до Уставниот суд на Белгија, а жителите на другите региони стравуваат дека одлуката би можела да се применува и во подрачјата надвор од Фламанскиот Регион и Валонија.
Мехмет Устун, претседателот на Високиот совет на муслиманите на Белгија (EMB), изјави дека сѐ уште не се јасно видливи последиците на одлуката, бидејќи таа од неодамна е на сила.
Тој истакна дека оваа одлука кај муслиманите во Белгија предизвикала големо разочарување.
„Со сигурност велам дека оваа одлука ќе има последици. Можам да замислам со какви проблеми ќе се соочиме при жртвувањето на курбанот“, изјави Устун.
Тој додаде дека поради оваа забрана, белгиските муслимани трагаат по алтернативни решенија. Потсети дека забраната не е на сила во Холандија, ниту во подрачјата во Белгија, меѓу кои е и главниот град.
„Се надеваме дека оваа одлука ќе добие правен одговор и дека муслиманите ќе можат повторно да колат животни во согласност со верските прописи“, изјави Устун.
Тој потсети дека популизмот во Европа настанал на антиисламски ставови, но и нагласи дека Белгија е правна држава.
„Слободата на вера и нејзиното исповедање се гарантирани со Уставот. Поради тоа, доколку законите прераснале во забрана на исповедање на верата, тука мора да се вклучи правото“, смета Устун.
Слично мислење има и Хахам Шимон Ласкер, кој истакнува дека се дискутабилни аргументите за наводната заштита на правата на животните и укажа на незадоволството на евреите поради ваквата одлука.
Тој додаде дека еврејската заедница оваа одлука ја гледа како ограничување на верските слободи поради што изразува големо незадоволство. Смета дека ваквите одлуки го отежнуваат животот на евреите во Европа.
Појасни дека кошер и халал начините на колење се најпримерни методи, бидејќи не се нанесува штета на животните, ниту тие чувствуваат болка.
Ласкер додаде дека и евреите размислуваат за алтернативните начини на снабдување со месо кое е добиено во согласност со верските прописи. Сепак, се стравува дека забраната би можела да се прошири низ цела Белгија, па дури и пошироко.
„Но каков е следниот чекор? Мораме да се фокусираме на тоа. Што ако Белгија забрани увоз на месо од земјите во кои нема вакви забрани?“, запраша Ласкер, кој стравува дека би можело да дојде и до забрана на други верски прописи.
Тој истакна дека не смее да се дозволи правните одредби да прераснат во антисемитизам.
Верува дека еврејските и муслиманските заедници треба заеднички да дејствуваат против ограничувањето на верските слободи.
Муслиманите во Белгија, меѓу кои се Салих Оздемир и Исмаил Ѓундогу, се незадоволни од забраната.
„Бараме да ни биде вратено правото кое на овој начин ни е одземено“, изјави Оздемир.
Ѓундогу потсети дека халал начинот на колење животни досега во Белгија не претставувал проблем.
„Мислиме дека одлуката е спротивна на човековите права. Мораме да пронајдеме начин како братски и заедно да живееме. А забраните не се правилен пат“, смета Ѓундогу.









