Популарна дестинација за туристите станаа пловечките пазари по должината на речните и водните канали во Тајланд, која е една од најпосетуваните земји во Југоисточна Азија, пишува Anadolu Agency (AA).
Пловечкиот пазар „Клонг Лат Мајом“, кој се наоѓа во западниот дел на главниот град Бангкок, е едно од најпосетуваните места на туристите.
„Клонг Лат Мајом“ се наоѓа во околината на каналот Лата Та Ниао во Бангкок, кој со големиот број реки и водени канали е познат и како „Азиска Венеција“.

Пазарот е воспоставен во 2004 година. Дали поради својата локација далеку од градскиот метеж или поради природната текстура по должината на каналот, оваа локација е еден од пловечките пазари што туристите често ги посетуваат.
Пловечкиот пазар со површина од 12 хектари земјиште во потполност е сопственост на државата и затоа секој којшто сака да продава, може да го прави тоа со сопствен чамец. Во првата година од своето отворање „Клонг Лат Мајом“ беше домаќин на околу 20 продавачи, но откако пазарот стана популарна дестинација за туристите, се зголеми и бројот на продавачи.
Со цел да се задоволат потребите за храна на туристите и продавачите, околу водениот канал е изграден широк статичен комплекс од ресторани. Иако оваа состојба носи профит за продавачите во регионот, поголемиот број посетители сметаат дека рестораните им отежнуваат да стигнат до пловечките пазари, поради кои и се дојдени.
Бангкок и околните пазари, генерално се отворени за време на викендите од 08:00 до 17:00 часот. Во раните утрински часови, претежно локалното селско население со своите чамци доаѓа во Клонг Лат Мајом, да продава тропско овошје и зеленчук.
Некои продавачи, со продавањето традиционални тајландски десерти и разни закуски што ги подготвуваат во чамците, на пазарот му даваат посебен шарм.
Посетителите го купуваат свежото овошје и зеленчукот по пристапни цени, а покрај пазарењето и разговараат со продавачите.
Странските посетители, за да го овековечат овој несекојдневен кадар што не може да се види во нивните земји, се фотографираат со продавачите.
– Туристичките тури со моторни чамци ги откриваат традиционалните тајландски куќи
Друг интересен елемент на пловечкиот пазар „Клонг Лат Мајом“ е тоа што за туристите се организираат прошетки со брод.

Тие што сакаат да се приклучат на едно и полчасовна тура со моторен чамец со капацитет од околу 15 луѓе, ќе треба да платат 100 тајландски баха (2,5 евра).
Турата со моторни чамци на туристите им нуди можност да ги видат главните знаменитости на каналот „Лата Та Ниао“, но исто така го открива и прекрасното зеленило во околината и традиционалните тајландски дрвени куќи.
„Клонг Лат Мајом“ го носи епитетот на еден од најпосетуваните пловечки пазари во Тајланд. Пазарот повеќе од десет години ги задоволува и посетителите и трговците во улога на домаќини.
– И покрај модерната урбанизација, за пазарот постои интерес
Пловечките пазари ги има во речиси сите земји од Југоисточна Азија, но тие во најголем број се среќаваат во Тајланд.
Како резултат на современата урбанизација и бетонирање во Бангкок, многу канали за вода се затворени, поради што компаративно е намален и бројот на пловечките пазари.
Но, интересот кај туристите за пловечките пазари во Бангкок и генерално во Тајланд, и покрај брзата урбанизација, не се намалува.
Покрај „Клонг Лат Мајом“, во Бангкок и неговата околина многу се посетувани и пловечките пазари „Амфава“, „Дамноен Садуак“, „Та Ка“ и „Талинг Чан“.











