Ердоган: „Убиството на саудискиот новинар Кашоги е планирано“

0
366

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обраќањето во Клубот на пратеници на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) во Големото народно собрание на Република Турција, се осврна на случајот на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги било планирано и нагласи дека е сигурно дека Џамал Кашоги не го напуштил Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Ердоган рече дека саудиските тимови направиле истражувања во Белградската шума во Истанбул и областа Јалова пред да го убијат Кашоги и нагласи дека досега откриените информации и докази покажуваат дека Џамал Кашоги е жртва на едно брутално убиство.

„Мораме да бараме одговори за некои работи. Овој случај се случува во Истанбул“, рече Ердоган.

„Виенската конвенција најверојатно ќе биде ставена на маса“, порача турскиот претседател. „Виенската конвенција нема да дозволи такво брутално убиство да се случи во зградата на Конзулатот“.

Ердоган во врска со случајот истакна: „Обвинувањето само на некои безбедносни и разузнавачки службеници околу случајот не нè задоволува ниту нас, ниту меѓународната заедница“, и додаде дека администрацијата на Саудиска Арабија признавајќи дека е убиен, направила значаен чекор. „Од сега натаму, од нив очекуваме со искреност да ги отркијат сите одговорни лица и да ги казнат пред законот“, порача Ердоган.