Владата на седница ќе разгледува дали може да се продолжи рокот за вадење нови лични документи, како што предложи претседателот Стево Пендаровски. Од Кабинетот на Пендаровски велат дека тој е подготвен да се вклучи во комуникација со грчката страна за прашањата од Преспанскиот договор
Граѓани, компании, судови, нотарски канцеларии, матични служби и низа други институции збунето чекаат насоки за тоа дали можат да работат со личните карти на граѓаните на кои стои старото име на државата и по 12 февруари, рокот до кој сите граѓани на Република Северна Македонија треба да имаат лични документи со новото име на државата во согласност со Преспанскиот договор со Грција што стапи на сила во 2019 година.
Во меѓувреме, премиерот Димитар Ковачевски најави дека Владата ќе ја разгледа опцијата да го продолжи рокот за замена на документите до септември или октомври, предлог што вчера го даде претседателот Стево Пендаровски поради, како што изјави во телевизиско интервју, „срамното и непотребно понижување на македонските граѓани“.
Додека се разгледуваат правните опции, не се намалува метежот пред пунктовите на МВР од граѓани кои чекаат со часови и со денови поради страв дека нема да стигнат навреме да ги сменат документите.
„Во април треба да склучам граѓански брак. Личната карта ми е важечка, но е со Република Македонија. Што ако матичарот не ми ја признае? Затоа чекам ред, да ги средам документите за да избегнам дополнителни проблеми“, ни изјави скопјанецот А.Н. кој се надева дека ќе заврши работа без закажување, во пунктот „Пролет“ во центарот на Скопје.
Повеќе на РСЕ